Што работат граѓанските организации? Кои се нивните резултати?

Проекти на граѓанските организации во Македонија

Во Македонија, слично како и во другите држави, граѓаните оче­куваат од јавните институции, вклучително и од гра­ѓан­ските организации, одговорност за доверениот јавен мандат. Одговорноста ја оценуваат преку резултатите и транспарентноста.

Публикацијата “Проекти на гра­ѓан­ските организации во Маке­донија” треба да придонесе кон тоа. Таа нуди одговори на прашањата: колку проекти се реализираат, кому се наменети проектите, каде се лоцирани проектите, какви инструменти се употребени, кој ги спроведувал и секако колкава е приближната вредност на спроведените проекти.

Колку проекти се реализирани?
СПРОВЕДЕНИ 658 ПРОЕКТИ


Дали е тоа реално? Дали е соодветно ниво на активности? Во Македонија се регистрирани околу 5.300 организации. МЦМС во Адресарот на граѓански организации има собрано податоци за околу 1,700 организации од кои околу половината биле од спорт, рекреација и хоби, а другата половина (858) биле граѓански организации во потесна смисла. 658 проекти ги спровеле околу 340 организации. Ако се спореди фактот дека  658 проекти ги спровеле 340 организации од евидентирани 858 организации, можеме ад говориме за голем број неактивни организации. Каде се разликите? Најголема разлика има кај општи целни групи (396 организации за 219 проекти), лица со посебни потреби и стари лица од две различни причини. Во искуство организациите кои се со општа целна група или се некои од најголемите организации или пак се најмалите организации кои доколку имаат активности не се организирани во проекти. Лицата со посебни потреби и стари лица имаат активнсти, но тие не се водат како проекти. Значи, постои проблем на нерегистрација. Сепак може да се тврди дека ова ниво на активности (или на општествена активност – социјална одговорност) не е на потребното ниво.

Кому му биле наменети проектите?
ДЕЦА И МЛАДИ, ЖЕНИТЕ СТАБИЛНО АК­ТИВНИ, СЕЛАНИТЕ И КУЛТУРНИТЕ РАЗ­ЛИЧНОСТИ ВО ТРЕНД НА ЗГОЛЕ­МУВАЊЕ


Проектите најчесто биле наменети на општа целна група. Во пракса, најчесто ваквите проекти се проекти за обуки, информации и слични активности.

Традиционалните групи, и тоа децата (3%), младите (8%), жените (10%) и лицата со посебни потреби (4%) учествуваат со 25% во вкупниот број. Во однос на 2001 година има намалување на учеството, но бројот на проекти е на слично ниво (2003 се регистрирани повеќе проекти кои биле со други намени).

Големо зголемување има кај селаните и тоа од 2 на 14%. Тоа делумно е одраз на подобрената регистрација, но и на реално зголемените активности.

Исто така, големо зголемување има кај културните различности од 4 на 12%, што е поврзано со постконфликтниот период во Македонија. Со тој период беа поврзани и проектите за бегалците кои имаат тренд на намалувањето од 6 на 2%, поврзано со намалување на бројот на внатрешно раселени лица.

Каде се спроведувале прое­ктите?
ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД ПРОЕКТИТЕ НА ЛОКАЛНО И РЕГИОНАЛНО НИВО, НАЈ­ЧЕСТО ВО БРЕГАЛНИЧКИОТ И СКОПСКИОТ, НАЈРЕТКО ВО СТРУМИЧКИОТ РЕГИОН


Најзначителен е порастот на проекти што се спроведувале локално (од 35% на 40%). Тој може да укаже на зголемена активност на локалните граѓански организации. Поглемиот број регионално спроведени проекти може да укаже на поглема соработка помеѓу граѓанските организации во регионот. Имено, 355 проекти  се спроведени во соработка со други организации.

Локалните и регионалните проекти (вкупно 403) немаат еднаква географска дострибуција. Региони со најголем број проекти се брегалничкиот и скопскиот. Во регионите со голем број проекти се полошкиот и пелагон­сикиот, а со умерен број се кумановско-кратовскиот и повардарскиот. Реги­о­ните со мал број проекти се езерските (Охрид, Преспа) и струмичкиот.

Ваквата регионална дистрибуција и големите регионални разлики се неповолни и треба да се истражува понатаму на што се должи тоа. Неповолната географска дистри­буција веројатно постои помеѓу поголемите и помалите центри во самите региони.

Според Митко Николов, локален координатор во Центарот за поддршка на НВО во Струмица, постојат повеќе причини: интерес на донаторите за меѓуетничките односи и со тоа за западниот дел од Македонија, немање информации за донатори, донаторите се незаинтересирани за земјоделки организации и проекти (а Струмица е доминатно земјоделски крај) и голем интерес на граѓаните за деловниот (бизнис) сектор и прекуграничната трговија.

Но, од податоците може да се види дека само 14% од проектите се за културна различност (најчесто меѓуетнички проекти) и дека од локалните и регионалните проекти во полошкиот регион се околу 13%. Може да тврдиме дека кога се говори за “интерес на донаторите за меѓуетничките односи и со тоа за западниот дел од Македонија” повеќе е стереотип отколку вистина. Слично е и тоа дека интересот на донаторите за земјоделски организации и проекти е мал, ако се земе дека за селани се наменети 14% од проектите.

Слично на Струмица, е состојбата со Гев­гелија. Може да се тврди дека во овие две места е висок степенот на ангажман на граѓаните во деловни активности, односно деловно претприемништво (земјоделие и прекуграничен промет), а низок во  социјално (општествено) прет­прием­ниш­тво.

Какви инструменти се употребени?
ИНФОРМАЦИИ И ЗАСТАПУВАЊЕ/ЛО­БИ­РАЊЕ ВО ТРЕНД НА ЗГОЛЕ­МУВАЊЕ, ДО­ДЕКА ОБУКАТА ОПАЃА

Проектите се реализираат како грантови (воглавно за инфраструкура и сл.), обука и со­вети, информации и застапување/лобирање.

Во табела 4 е даден прегледот. Збирот е поголем од вкупниот број на проекти поради можноста за избор на повеќе од еден инструмент.

Може да се забележи значителен пораст на бројот на проекти кои се спроведуваат како информации и лобирање (од 13% на 67%), а значително опаѓање на обука и совети (38 на 17%).

Ова може да е знак на созревање на граѓанскиот сектор и вклучување во застапување, по претходните активности за развој на капацитетот (обуки и совети).

Кој ги спроведувал проектите?
ВКЛУЧЕНИ 340 ОРГАНИЗАЦИИ И ОКОЛУ 6.000 ВОЛОНТЕРИ

Според собраните информации во спроведувањето на проектите биле вклучени 340 организации и 5.868 волонтери.

Како соработуваат граѓанските организации?
НАД ПОЛОВИНА ОД ПРОЕКТИТЕ ПАР­ТНЕРСКИ

Во 355 проекти остварена е соработка или со други граѓански организации, или со единиците на локалната самоуправа или со владините институции. На пример, во 241 проект граѓанските организации соработувале меѓу себе, во 87 соработувале и со единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), а во 85 случаи е остварена соработка со владнините институции.

Значајното ниво на соработка повторно укажуваат на созревање на граѓанскиот сектор. Зголемената самодоверба е основа и на подобрување на соработката, пред с$ со ЕЛС, но и со владините институции. Останува предизвикот на подобрување на соработката со деловниот сектор.

Колку чинат проектите?
ИНВЕСТИРАНИ ОКОЛУ 13 МИЛИОНИ ЕВРА


Од 658 проекти во 597 се наведени вредностите на проектите (или буџети). За тие про­екти вкупната вредност изнесува 798.896.353 МКД или 12.990.185 евра.

Оваа бројка треба да се провери од аспект на можно повторување или финансирање во ланец. Пример, МЦМС финансира проект на гра­ѓанска организација и двете го еведентираат проектот.

Граѓанската платформа на Македонија каде се вклучени водечките триесетина организации го проценува вкупниот годишен буџет на околу 700 милиони МКД. Во тоа, ФИООМ, МЦМС и МРФП учествуваат околу 70%. Дел од проектите не се наменети за граѓанското општество. Од друга страна, тука не се вклучени дел од проектите финансирани од американски владини извори, ниту некои домашни извори (државен буџет и лотарија) за организациите за лица со посебни потреби.

Според тоа, може да смета дека податокот од 13 милиони евра е употреблив за ориентација.

Што понатаму?
ПРЕПОРАКИ ЗА ИДНИНА


Граѓанските организации треба да про­должат со јакнење на одговорноста пред македонската јавност. Неколку препораки за тоа.

За подобрување на резултатите и транспарентноста треба да се подобри документирањето и евиденцијата на проектите. Треба да се воспостави регистар на проекти. Ажурноста може да се поттикне доколку одредени даночни олеснувања бидат поврзани со задолжителна регистрација.

Веројатно мал број од регистрираните организации се активни организации. Треба да се подобри и ажураноста на судскиот регистар на здруженија на граѓани и фондации преку воведување мерки за бришење на неактивните организации.

Треба да се истражува општествената активност или социјална одговорност (социјално претприемништво) во Македонија. Треба да се обмислат активности за зголемување на општествената активност или социјална одговорност (социјално претприемништво), посебно наменети за одредени целни групи (пр. невработени) и за одредени посебно пасивни подрачја (струмички, езерски регион).

И покрај задоволството од успехот во застапувањето, потребно е да се задржи едно ниво на развојни и социјални проекти.