Во рамките на проектот „Инфраструктура на резерватот Езерани на Преспанското Езеро“
Куќичка за набљудување на птиците
Во Европа не постои орнитолошки резерват без куќички за набљудување на птиците, а таков до вчера беше нашиот Езерани
Друштвото за проучување и заштита на птиците на Македонија (ДПЗПМ), во рамките на проектот „Инфраструктура на резерватот Езерани на Преспанското Езеро„, уреди куќичка за набљудување на птиците на Резерватот. Проектот е поддржан од Норвешката амбасада во Македонија.
Покрај куќичката за набљудување на птиците, со овој проект е тампониран главниот пат низ резерватот, изработени се патокази од Битола, од Ресен и од околните места и поставени се четири влезни капии и инфотабла на самиот влез во Инфоцентарот во с. Асамати. Поставени се и бетонски собирни цевки коишто ја пренесуваат водата во пролетните месеци под патот, со цел да се избегне запоставување на самиот главен пристап низ Резерватот.
Куќичката за набљудување на птиците е направена по пример на иста таква, поставена во еден резерват во Валенсија, Шпанија, којашто членовите на Друштвото имале можност да ја посетат во ноември 2003 година, за време на Светскиот конгрес на членките на Рамсарската конвенција.

„Во Европа не постои орнитолошки резерват без куќички за набљудување на птиците, а таков до вчера беше нашиот Езерани. Куќичката за набљудување на птиците („hide“ е оригиналното име за оваа посматрачница) е место од коешто се набљудуваат птиците, без да се вознемират истите. Значи, дури и да имате пристап до местото, подобро е да имате вакви куќички коишто ве држат подалеку од најважните орнитолошки станишта од една страна, а од друга ви даваат далеку поголем и подобар видик – од оваа куќичка имате поглед скоро на целиот резерват, имате можност за фотографирање, пратење на состојбата, без да го нарушувате срцето на резерватот“, изјави Бранко Мицевски, преседател на ДПЗПМ и професор на Природно-математикиот факултет во Скопје.

Со овој проект Езерани прераснува во одлично место за едукативни посети, при што учениците, децата, студентите или посетителите ќе имаат можат да ја почувствуваат убавината на природата, односно животинскиот свет за којшто во Македонија малку се знае.
ДПЗПМ поседува и современо опремен информативен ценатар со уникатен соларен систем, со компјутерски простории, со конференциска сала до 50 луѓе и со соби за сместување за луѓето кои го проучуваат животинскиот свет на Езерани.
Д. Медароски
|