Реакција на Транспарентност
Незадоволство од предложениот закон за слободен пристап до информации
Граѓанската организација “Транспарентност Македонија” не е задоволна од предложениот закон за слободен пристап до информации, за кој најави дека ќе поднесе осум амандмани. Според Зоран Јачев, најновата верзија на предложениот закон се разликува од онаа којашто ја предложиле тие како граѓански сектор, поддржани и од други граѓански организации. За “Транспарентност” е најдискутабилно непостоење независна комисија за слободен пристап до информации, која била предвидена претходно, да ги разгледува жалбите на барателите на информации. Во најновата верзија на предложениот закон наместо комисијата, се наведува дека жалбите ќе ги разгледува надлежен суд, што според членовите на организацијата само ќе ја одолжи жалбената постапка.
“Тоа ќе значи спорост во постапувањето и сериозно ќе го загрози уставно загарантираното право на пристап до информациите. Со законот не е предвидено која институција би ги презела надлежностите на комисијата, кои се однесуваат на обука на администрацијата за примена на законот и донесување на подзаконските акти. Не се предвидува ниту заштита од реваншизам на предупредувачите, односно на лицата кои во корист на јавниот интерес ќе кажат информација којашто не е достапна во јавноста”, вели Јачев. Тој нагласува дека пропуст е и тоа што за предложениот закон не се предвидени ниту јасно дефинирани буџетски средства, што само ќе ја отежни неговата примена.
Во неколку амандмани организацијата бара улогата на Министерството за правда за имплементирање на законот да се замени со комисијата којашто е предвидена во претходната верзија на законот, а извештајот за имплементирање на законот да се доставува до комисијата или до Владата. “Министерството за правда треба да се тргне од својство на посредник на информациите и она што второстепените судови ќе го разгледуваат” нагласи Јачев. Организацијата бара и законот да не биде ограничуван од други закони, како што е сега, но и да се заштитат давателите на информации.
|
|