луѓе: Ненад Коциќ

Ми пречи политичката, економската и секоја друга глобализација

Професионално искуство: Доктор по медицина, диломирав на Медицинскиот факултет во Скопје во 2001 година, повеќе од три години работам во Службата за итна медицинска помош - Велес.

 Ангажирање во граѓански сектор: Активист сум во ЕД “Вила зора” - Велес од своите 14 години. Почнавме со читање на еден рецитал по фабриките, по училиштата и по сите културни манифестации во градот и околината (се сеќавам дека не не примија да го прочитаме само во Топилницата). Бев еден од основачите на „Вила зора” и координатор на младите во друштвото. Започнав активна комуникација и со младите од ДЕМ , како ча­дор-организација, при што го формиравме ДЕМ-млади. За време на студиите, се повлеков од активното партиципирање во граѓанскиот сектор, за да почнам активно да работам повторно, при подготвувањето на големиот митинг на 21 март 2002 година, а истото лето бев избран за претседател на „Вила зора”.Основната причина што се приклучив во граѓанскиот сектор беше љубовта кон природата, здравјето на луѓето, желбата да му се помогне на градот Велес.  

Хоби и интереси: Сакам да играм кошарка,  да посетувам различни земји,  култури и луѓе, да читам стручна литература, а посебно сум заинтересиран да дадам свој удел во развојот на медицината.

 Најтешка одлука: Најтешка одлука ми била и ми е на што да се специјализирам, не затоа што не знам, туку затоа што кај нас нема таква специјализација, а во странство е малку скапо.

Амбиции: За мене лично, ќе се насочам кон добивање специјализација, па потоа магистратура и супспецијализација. Не знам колку ќе можам да одговорам на потребите на еколошкото друштво, но каде и да сум, јас останувам член на друштвото.

 Во слободното време чита: “Тхе Ланцет” - прекрасно медицинско списание, стручна медицинска литература, еколошки списанија и информатори на ФОЕ и ГЕНЕТ.

Каде оди во слободното време: Слободно време имам премногу малку и го посветувам на фамилијата.

За време на викендите:Во природа со другарите.

Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто?
Одбирање чесна и одговорна влада и парламент што ќе работат во интерес на нашите граѓани, а не само во свој личен интерес.  На локално ниво сметам дека најголем предизвик е решавањето на статусот на Топилницата, зашто таа сега е затворена, барем официјално, но и да се рестартира, мора да работи, почитувајќи ги правилата за заштита на животната средина.  Од друга страна, невработеноста е рак-рана за Велес, многу млади отидоа на печалба во странство и тоа едноставно мора да се запре, со подобрување на економската состојба.Многу ми пречат и некои локални шерифи кои мислат дека на последните избори 2002 година ја добија судбината и животите на луѓето во градот во свои раце, а за ништо не ги бидува.

Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто? Политичката, економската и секоја друга глобализација лично ми пречи и тоа што сметам дека големите држави вршат окупација на еден нов и суптилен начин. Масовното уништување на природата е огромен глобален проблем, но не гледам желба да се реши.

Што би променил во Македонија и во светот? Во Македонија би сменил многу самобендисани луѓе поставени на одговорни функции, а кои се тотално неспособни. Сепак, нашата иднина, успесите и неуспесите, зависат од нас. Во светот би сакал да нема глад, војни, уништување на природата, омраза.

Совет/порака: Премногу сакам да делам совети, но сега имам проблем која порака ми е омилена. Сепак, најреална во животот ми е пораката “С$ тече, с$ се менува” и така мораме да го сфатиме животот, за наше добро.

Никогаш не би можел: Не можам без да работам и да бидам продуктивен. Не можам без моите најблиски, кои многу ги сакам, а и без добра храна (се познава), исто така.