ИНСТИТУТ ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО МАКЕДОНИЈА

 Широка палета на поддршка на граѓанското општество

Институтот Отворено општество Македонија е една од попознатите фондации кои делуваат во Македонија. Својата работа ја започна пред цела деценија, во 1992 година, како претставништво на странска фондација во Македонија, а од октомври 1999 година е регистрирана како домашно правно лице, согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации на Република Македонија. За работата и најновите програми на Институтот Отворено општество Македонија разговаравме со директорот на оваа фондација, г. Владимир Милчин.

Годинава, како што не информираше тој, буџетот на Фондацијата изнесува околу седум милиони долари, а се очекува оваа сума да се зголеми. Најголем дел од тоа е донација на г. Џорџ Сорос, но во финансирањето учествуваат и други партнери. Покрај ова, партнерските организации - донатори, го применуваат и принципот на директно финансирање на одредени програми или проекти.
- Како што е веројатно познато, Институтот Отворено општество Македонија има две групи програми - едната се одвива преку давање грантови и оди на јавни конкурси, а во другата спаѓаат оперативните програми. Што се однесува до програмските области, ги поддржуваме високото образование, децата (од предучилишна возраст до средно образование, информатика (интернет, библиотека, издавачка програма), медицина и здравство, економски реформи, медиуми, јавна администрација, вклучувајќи ја локалната самоуправа, Ромите како посебна програма, граѓанско општество вклучувајќи ги етничките малцинства и женска програма, вели г. Милчин.
Од новите програми, треба да се спомене проектот што се спроведува заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, за формирање центри за институционален развој на НВО во внатрешноста на државата; потоа, програмата во областа на јавната администрација која се спроведува во соработка со Германското министерство за надворешни работи (имплементацијата од германска страна се врши преку Институтот за европолитика од Берлин), како и програмите наменети за поголемо вклучување на Ромите во високото образование.
Институтот Отворено општество Македонија традиционално го спроведува Летниот Универзитет во Охрид и Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски кај Крива Паланка, кои имаа уште една успешна завршница пред еден месец.
М.И.