Одбележување

Светски ден на заштита на потрошувачите - 15 март

Министерството за економија, во интерес на поттикну­вање на правото на потрошувачите и во насока на воспоставување успешен и ефикасен систем за нивна заштита, и годинава го одбележа 15 март - Светскиот ден на заштита на правата на потрошувачите, под мотото „Влијанието на брзата храна врз здравјето на помладите генерации и безбедноста на производите, како важен предуслов за сигурноста на потрошувачите”.

Светската потрошувачка организација на своите членки годинава им препорача активно да се вклучат во кампањата против рекламирањето и прекумерната употреба на солени стапчиња, чипс, смоки и помфрит, особено кај децата.

Во Организацијата на потрошувачите на Македонија во 2007 година се евидентирани вкупно 4.122 поплаки, од кои 1.818 во делот на општо правно советување на граѓаните во доменот на  непризнавање гаранција и непреведени упатства на македонски јазик, 700 се поплаки во делот на прехранбените производи, 694 на даватели на јавни услуги, 218 во делот на правата на пациентите, 450 во делот на домувањето и 242 во делот на финансиските услуги. Лидерот на тимот на „Проектот за надзор на пазарот на Европската агенција за реконструкција”, Јука Калио, ги претстави искуствата на европските земји во заштитата на правата на потрошувачите. Според него, најпроблематични производи во текот на минатата година во земјите членки на ЕУ биле детските играчки, домашните апарати и опремата за лична заштита.

МИА