Наградени пет фирми
Оскари за општествено одговорните претпријатија
Скопските фирми „Тинекс”, „Фармахем” и „Раде Кончар сервис”, како и „Ренова”-Тетово, „Биркарт Логистик”-Штип се победници на овогодишниот избор на проектот „Општествена одговорност на претпријатијата”, спроведен од германската агенција „Инвент” (InWent). На огласот за доделување „македонски оскар за општествено одговорни претпријатија” се пријавиле 75 фирми за две категории: мали и средни претпријатија и големи компании. Во потесен круг влегле 15-те најдобро бодувани врз основа на проектите кои ги спровеле во насока на остварување на концептот на општествена одговорност на претпријатијата. Инаку, проектот се спроведува во сите земји од Југоисточна Европа.
Директорот на маркетите „Тинекс”, Владимир Тодоровиќ, го освои оскарот за најдобра општествена одговорност на големо претпријатие поради проектот за вработување деца без родители од домот „11 Октомври”. Тој рече дека нивниот проект на вработување се реализира три години и досега се примени 25 штитеници кои одлично се вклопуваат во работата.
Од Владата најавуваат максимална поддршка на корпоративната општествена одговорност, нејзиното спроведување и внесување во Законот за трговските друштва како обврска на претпријатијата.
Заменик-министерот за економија, Киро Спачев, на манифестацијата изјави дека Владата направила програма за инвестиции во која корпоративната општествена одговорност е приоритет. „Ќе се работи во насока на тоа претпријатијата да добијат благодет во однос на спроведувањето на одговорноста”, вели Спачев.
Учесниците на доделувањето на оскарите потенцираа дека цел на проектот е да се зголеми свесноста на претпријатијата и да се развие национална стратегија. Беше нагласена и потребата од функционирање на координативно тело кое ќе се залага за обезбедување подобра работна клима.
Ж.Ѓ.
|
|