Деминирањето во Босна и Херцеговина (1)
Не заборавајте на мините
БиХ е земја со најголем проблем на минска загаденост во регионот на Југоисточна Европа. Проценето е дека на околу 10.000 локации се наоѓаат околу 670.000 мини и 650.000 неексплодирани боеви средства. Сомнителната површина е процената на повеќе од 2.000 км2, што е повеќе од 4 % од вкупната територија
“Отстранувањето на опасностите од мини е еден од најважните хуманитарни принципи, предуслов за обновување на земјата, на природните и економските ресурси, како и враќање на бегалците и раселените лица. Квалитетниот и безбеден живот не е возможен без решавање на проблемот со мините. Преземањето на сите потребни мерки и спроведување на операциите од областа на хуманитарното деминирање, обиколката на ризичните површина и едукацијата за ризиците од мините се неопходни за да може Босна и Херцеговина да биде слободна од влијанието на мините и другите убиствени средства останати од војната, со цел да се заштити населението, да се развива економијата и природните ресурси во БИХ до 2010 година. Потребно е да се обезбеди континуирано, стабилно и долгорочно спроведување на операциите на хуманитарно деминирање и на други противмински акции за отстранување на сите мини и на неексплодираните убиствени средства во Босна и Херцеговина” - стои во текстот поместен на њњњ.бхмац.орг на граѓанската организација БХ МАЦ - Центар за отстранување мини во Босна и Херцеговина, која се смета за клучна организација во процесот на минската акција во земјата. Наведените цели на работа се поткрепени и со пресек на нивните активности, но и со релевантни податоци за опасностите од присуството на мините и акциите за нивно отстранување.
Стратегија за помош на жртвите настрадани од мини
Комисијата за деминирање во Босна и Херцеговина во средината на декември 2004 ја усвоила Стратегијата за помош на жртвите настрадани од мини, во која стои дека помошта на жртвите од мини се смета за компонента во интегрираните противмински активности. „Интегралните планови за противмински акции за загрозената заедница се нови концепти во решавање на проблемите со противминските акции. Тој концепт предвидува најдобро усогласување на сите ресурси на противминските акции на теренот. Секоја жртва од мини во рамките на своите можности може да биде корисен член на заедницата. Рехабилитацијата на жртвите и нивната интеграција во општеството се важни и за поединецот и за заедницата. За помош на жртвите од мини е развиена, посебна стратегија, а до крајот на 2008 година се предвидува хармонизација на законските одредби што се однесуваат на лицата со намалени способности. Квалитетот на животот на жртвите од мини би требало да се подобри со унапредување на системот на рехабилитација и вработување на лицата со намалени способности. Тоа се смета и за еден од приоритетните цели во периодот од 2005 до 2008 година. Помошта на жртвите настрадани од мини ќе зависи од реформите и на полето на социјалната и здравствената заштита и унапредување на системот на вработување, а за остварување на наведените цели на Стратегијата за противмински активности за Босна и Херцеговина ќе биде потребно и развивање систем на координација, информирање и осигурување квалитет”, стои во веб-страницата на БХ МАЦ, носител на координацијата за помош на жртвите од мини. Координацијата на активностите на организациите и институциите што се занимаваат со жртвите од мини ќе се остварува со работата на Координативната група и Одборот за помош на жртвите од мини, што е оперативно тело на групата. Развојот на системот на осигурување на квалитетот ќе биде насочен на воспоставување стандарди за медицинска рехабилитација, ортопротетски услуги, обуки за персоналот и стандардните оперативни процедури за извезување проекти за помош на жртвите од мини. Организациите што ќе се занимаваат со помош на жртвите од мини ќе бидат акредитирани за работа во Босна и Херцеговина. Се предвидува организирањето на контролата и оценката на проектите за помош на жртвите од мини да се одвива до крајот на 2006 година. Информативниот систем треба да биде развиен низ веб-презентација и преку база на информации. Базата на податоци ќе обезбедува оперативни податоци за Центарот за отстранување мини ќе нуди информациии на заинтересираните и на вклучените во програмите за помош и за жртвите од мини. Прва задача на Одборот за помош на жртвите од мини ќе биде отпочнување активности за формирање база на податоци што треба да се воспостави до крајот на 2005 година, а помошта на жртвите од мини ќе се реализира со користење на домашните капацитети.
|