Пленарна сесија

Како до мобилизација на граѓанското општество?

Граѓанското општество треба да се фокусира на градење на заеднички основни вредности и на јакнење на граѓанската свест, како и воочување на главните пречки и искуствата од земјите во регионот

„Покрај спонтаното комуницирање и соработка, во последните години, се забележани обиди за структурирана соработка и комуникација меѓу граѓанските организации, главно, како мрежи поттикнати од големите меѓународни или домашни организации“, рече воведничарот, Ѓунер Исмаил, потенцирајќи дека македонското општество е динамично и обременето со многу проблеми, така што на граѓанските организации им треба континуирана обука на човечките ресурси за да одговорат на идните предизвици, како што се децентарлизацијата со нова територијална поделба и евроатлантските интеграции. 

Зоран Костов од Евродијалог, рече дека Македонија се уште се наоѓа во „предполитичка состојба“, а нејзините лидери за 13 години не успеаја да ја доведат во „политичка фаза“, бидејќи македонското општество се уште ги нема воспоставено основните вредносни постулати. Единствено граѓанското општество е способно да го направи преминот од предполитичка во политичка состојба, поради што е потребна негова поширока мобилизација.

Владимир Милчин од ФИООМ истакна дека мрежите не смеат да влијаат на програмските определби на организациите и посочи два можни начина на вмрежување – слободна иницијатива и институнализација, при тоа посочувајќи ги предностите и маните на двата начина.

Јован Донев од Евробалкан, истакна дека заедничките проблеми се главен поттик за соработка. Загрижувачко, според него, е отсуството на каква било реакција кога се прекршуваат основните принципи на либералната демократија. Според него, клучен фактор за идна мобилизација на граѓанското општество е чувството на солидарност на главните актери.

Вклучувајќи се во расправата, Сашо Клековски од МЦМС ја изнесе дилемата околу резултатите од досегашните обиди за соработка и за мобилизација на граѓанскиот сектор. Хисен Рамадани, истакна дека граѓанските организации треба да продолжат да ја јакнат граѓанската свест во општеството, но и внатре во самиот граѓански сектор. Според него, посебно е значаен нивниот придонес во деетнизација на државата.

Од расправата произлезе дека граѓанското општество треба да се фокусира на градење на заеднички основни вредности и на јакнење на граѓанската свест, како и воочување на главните пречки и искуствата од земјите во регионот.