интервју: Тања Атанасовска-Петровска, уредник на “Екологија”
ЕКОЛОГИЈАТА Е ЕДИНСТВЕНАТА РАБОТА СО КОЈА САКАМ ДА СЕ ЗАНИМАВАМ
Тања Атанасовска-Петровска запливала во водите на екологијата во 1991 година. Тогаш веројатно не претпоставила дека екологијата ќе стане толку важна во нејзиниот живот или дека ќе уредува списание кое ќе ја третира екологијата. Младата студентка по новинарство искуството го градела на “зелениот телефон” во Еколошкото друштво “Опстанок”, потоа на местото технички, а набрзо и генерален секретар на “Опстанок”.
Заедно со колегите новинари го основале Новинарскиот еколошки центар, а денес е претседател на Еколошкот прес-центар кој произлегол од (НЕЦ). На местото уредник на “Екологија” доаѓа во мај 2000 и за себе вели дека екологијата е единствената работа со која сака да се занимава. Одбележувањето на јубилејната 10-та година од основањето на ревијата “Екологија” беше директен повод да поразговараме со неговата уредничка.
ГС. Вашиот “стаж” во еколошкото движење е подолг од оној на “Екологија”. Како и кога започнавте да се интересирате за еколошките проблеми? Т.А.П. Кога започнав да се интересирам за екологијата бев студент на новинарство. Заедно со уште неколку колеги од факултет го основавме ФОМЕК кој започна да функционира како подмладок на Еколошкото друштво “Опстанок”. Не можам да се пофалам дека сум имала големи познавања за екологијата во тоа време, единствено идејата за заштита на животната средина ми се чинеше доста интересна па започнав редовно да ги посетувам состаноците на “Опстанок” за да дознам нешто повеќе. Се разбира, и атмосферата беше поттикнувачка, имаше огромна енергија во луѓето околу мене кои се занимаваа со еколошките прашања. Од нив навистина имаше што да се научи. Ентузијазмот одеше до таму што носевме основен инвентар од нашите домови за да ги опремиме канцелариите на друштвото.
За мене немаше ништо пологично од спојувањето на мојата идна професија, новинарството, со екологијата. Кога подоцна започнав да работам во Македонската телевизија, определбата едноставно сама си дојде и станав еколошки новинар.
ГС. Потоа, вие новинарите, решивте да се прегрупирате. Зошто? Т.А.П. Имаше многу новинари во “Опстанок” кои пишуваа за еколошките проблеми. Во еден момент сметавме дека е потребно да се формира посебно здружение кое ќе не организира нас новинарите. Основната причина беше да се задржи објективноста и на ист начин да се пишува и за другите друштва, а не само за Опстанок. Организацијата што ја основавме се викаше Новинарски еколошки центар (НЕЦ). Со текот на времето НЕЦ доживеа извесни трансформации и денес го имаме Еколошкиот прес-центар. Морам да признам дека и тука се чувствува разликата во “жарот” кој беше многу поизразен во почетокот на основањето на организацијата. Мислам дека една од причините е и намалувањето на новинарите кои пишуваат за екологија. Тоа е еден тренд во редакциите кој н$ загрижува. Поради тоа, планираме да оствариме средба со уредниците и да им укажеме дека за екологијата треба да пишуваат едуцирани новинари. Известувањето од страна на некомпетентни лица не оди во прилог на креирањето на јавното мислење. Се инсистира на сензационалистичко новинарство, се создаваат забуни кои можат да предизвикаат големи штети.
ГС. Може ли ревијата “Екологија” да придонесе во градењето на еко-моралот и еко-етиката кај нашите граѓани? Т.А.П. Нашата мисија е во изградувањето на еко-моралот и еко-етиката кај секој поединец. Да признаеме, многу тежок и макотрпен процес, но упорноста се исплатува.
Ревијата “Екологија” опстојува 10 години на нашиот информативен простор и тоа говори многу. Континуираното излегување ни овозможи да се вброиме меѓу најпрестижните изданија во нашата држава. Преку дописната мрежа и благодарение на големиот ентузијазам кај соработниците, информиравме и едуциравме за пулсирањето на животната средина и на природата кај нас и во светот.
Благодарение на креативниот и творечки дух во овој децениски временски интервал редакцијата на Ревијата ЕКОЛОГИЈА објави 85 изданија со 2.720 страници, во кои трајно е запишана хронологијата на дел од настаните на еколошкото движење.
“Екологија” претставува едукативен прирачник за оваа област и има големо влијание во градењето на еколошката свест и култура.
ГС. Голем број уредници на слични списанија би ви позавиделе на јубилејот. Која е формулата за одржливост на “Екологија”? Т.А.П. Најголем дел од тиражот на “Екологија” се дистрибуира во училиштата. Има училишта кои многу добро ја разбираат суштината на екологијата. За училиштата кои не сакаат да се претплатат на списанието обезбедуваме бесплатен примерок за училишната библиотека затоа што првата и основна цел ни е да ја шириме едукацијата. Затоа и инсистираме на разбирливи текстови. Тоа, секако, најмногу зависи од наставникот кој е задолжен за тој вид факултативна настава и од неговата посветеност на екологијата.
За дистрибуцијата во училиштата, “Екологија” има одобрение од Министерството за образование.
Тешко е да се направи списание во кое ќе понудите содржини кои ќе ги привлечат читателите од различни генерации. Затоа првите страници од списанието се намени на повозрасните читатели, а потоа, на другите страници ги пласираме текстовите кои можат да помогнат во наставата. Се јавуваат и наставници кои сакаат да соработуваат со редакцијата и таквата соработка трае од број во број. Така всушност, оваа дистрибуција во училиштата во голема мера придонесе да се одржи списанието во претходните десет години.
Дистрибуцијата оди преку претплати. Сегашниот тираж на Екологија ја надминува бројката од 10.000 примероци по број.
ГС. Тешко ли е да се биде екологист? Т.А.П. Екологистите не се секогаш разбрани од средината. Младите повеќе ги разбираат, постарите немаат толку разбирање. Повеќето сметаат дека се чудаци и занесени луѓе. Од друга страна, пак, очекувањата од екологистите се големи. Во времето кога работев на “зелениот телефон” во “Опстанок” постојано се јавуваа најчесто негодувајќи зошто ги нема екологистите кога чади контејнерот, кога е растурен сметот и сл. Се обидувавме да им објасниме дека тоа е грижа на сите, дека екологистите не се дежурни комуналци туку волонтери кои сакаат да придонесат во заштитата на животната среднина, но дека тоа не значи дека одат по градот и ги гасат контејнерите.
За да се смени нешто во третманот на животната средина, на пример во третманот на отпадот, потребна е широка акција не само на граѓанските организации туку и на државата и јавните претпријатија кои го работат тоа професионално.
Сите заедно треба да се стремиме кон одржливиот развој, кон одржлива потрошувачка и да размислуваме подолгорочно без разлика дали сме екологисти или не.
|