ДЕМ

Дводневна екошкола за климатските промени

Под мотото „Повик за спас од климатските промени”, Движењето на екологистите на Македонија - ДЕМ организира дводневна екошкола со што го одбележа 21 март, Денот на пролетта и на екологијата. Во школата учествуваа триесетина средношколци од десет средни училишта од Македонија и млади активисти, претставници на исто толку локални еколошки друштва од Куманово, од Скопје, од Битола, од Охрид, од Велес, од Македонски Брод, од Радовиш, од Неготино, од Валандово и од Македонска Каменица. Тие преку постери, ЦД и други материјали се информираа за причините, последиците и решенијата за глобалното затоплување и ефектот на стаклена градина.

По завршувањето на ековикендот, младите како амбасадори за заштита на животната средина своите сознанија ќе им ги пренесат на своите соученици, родители, наставници и пријатели со новото ЦД „Кларити”, кое содржи презентација за климатските промени. Во ова ЦД можат да се најдат одговори на прашањата кои се причините за глобалното затоплување, како тоа влијае на нас и на живиот свет и како да придонесуваме кон заштита на климата.

„Прв пат се организира ваков настан, иако претходно ДЕМ има организирано неколку кампањи за климатските промени. Екошколата беше наменета за деца од 12 до 18 години кои своите искуства понатаму треба да ги пренесат во своите училишта и до пошироката средина”, вели Руска Мицева, потпретседател на ДЕМ.

Организирањето на екошколата го поддржа Канцеларијата за климатски промени при Министесртвото за животна средина и просторно планирање, додека за преводот на македонски јазик и за печатењето на ЦД-материјалот „Кларити” помогнаа Министерството за финансии и Мировниот корпус на Македонија.

С.Н.