Национален ромски центар

 
Започна кампања за образование на ромите

 
На 6-ти февруари, во х. Бест Вестерн, во Скопје, Националниот ромски центар од Куманово, одржа сесија со новинарите, со што практично започна кампањата за образование на Ромите “Клучот е во вашите раце”.

На сесијата со новинарите се зборуваше дека Ромите се судираат со голем број предрасуди кога се известува за нивното секојдневие, често пати тие се синоним за сиромаштијата во Македонија, за социјалните случаи, за злоупотреба, криминал или малтретирање, а ретко се пишува за позитивните примери, за тоа дека има доктори на науки, универзитетски професори или успешни жени.

Денешната дискусија беше посветена на начинот на информирање за проблемите на Ромите и за тоа што е подобро, да се пишува за добрите или за лошите примери во оваа етничка заедница.

Директорот на Управата за развој на образованието на заедниците при Министерството за образование и наука Драган Недељковиќ кажа дека во моментот има 940 средношколци што се стипендираат и кои постигнуваат завиден успех, што докажува дека тие се интелегентни, само треба да се подобрат социјално-економските услови. Тој исто така навести дека во план е отворање на катедра за ромски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје и група при Педагошката академија.

Голем дел од учесниците на сесијата се согласија дека ситуацијата со начинот на известување за ромските проблеми ќе се подобри преку вработување на новинари Роми, кои ќе пишуваат за проблемите во своите средини. Во рамките на Програмата за едукација на новинари-Роми на Македонскиот институт за медиуми  се обучуваат 12 млади Роми.

Мабера Канбери од Министерството за труд и социјална политика информира дека Македонија доби 1,4 милиони евра во рамките на Декадата на Ромите и дека во земјава на 150 студенти Роми.

“За време на кампања, која ќе трае до јуни оваа година, планираме да ги посетиме сите ромски семејства во Куманово, Скопје и Прилеп, со што ќе ги запознаеме со можностите што им се нудат со Ромската декада во основното, средното и високото образование”, најави Славица Ќурчинска од Националниот ромски центар.

Во рамките на кампањата “Клучот е во ваши раце” ќе биде промовиран документарен филм за образованието на Ромите и ќе се одржи уште една сесија, овој пат со владини и со претставници од локалната самоуправа.

Кампањата е поддржана од Претседателот на Република Македонија, Министерството за образование преку Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на националностите, Министерството за труд и социјална политика, Македонска информативна агенција, градоначалниците на Град Скопје, Шуто Оризари, Куманово, Прилеп, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир, Совет за радиодифузија, Адвокатската комора на Македонија и Македонскиот институ за медиуми. Додека финасиски е поддржана од Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта со вкупна сума од 20.000 евра

 

Г.Шабани