Спомен-фондација „Борјан Таневски“
Врачена наградата „Борјан Таневски“
Наградата се доделува како придонес за поддршка на авторите во Македонија кои пишуваат колумни или заземаат храбар став за актуелни општествени или политички прашања
Денко Малески е добитник на наградата “Борјан Танески” за 2004 година. Доделувањето на наградата се одржа во Клубот на пратениците во Скопје, на 23 февруари, годинава. Наградата се доделува за повеќекратно искажан проминентен личен став во печатените медиуми во Македонија, а за изборот на Малески одлучи тричлената комисија – Мето Јовановски, Али Алиу и Ерол Ризаов. Текстовите на Денко Малески, според Комисијата, манифестираат граѓанска храброст растоварена од предрасуди, инспирирана од тековите на современата европска мисла.
“Личниот став на Малески, повеќекратно и во текот на 2004 г. објавуван во Утрински весник, укажува разоптовареност од илузии и храброст за соочување со реалноста. Неговиот личен став се одликува со загриженост за стварноста што ја живееме, но не без калкулации, интелектуални или мисловни. Тој став се одликува со целосна ослободеност од секакви предрасуди – национални, расни и верски”, истакна, меѓу другото, Мето Јовановски, член на Комисијата.
Заблагодарувајќи се за наградата, Малески истакна:”Наградата ме израдува и ме замисли. Ме израдува зашто моите политички текстови никогаш досега не добиле јавно признание. Ме замисли зашто откога паметам за себе, државата е таа што доделувала признанија. Очигледно времињата се менуваат”.
Наградата, во висина од 75.000 денари, во името на среќното детство на Борјан, г. Малески ја подари на децата од училиштето “Браќа Рамиз” во Шуто Оризари.
“Во Шуто Оризари многу деца немаат среќно детство, какво што го имаше Борјан кој растеше во љубов, во семејство на вредни и доблесни родители. Во семинарскиот труд на Борјан посветен на меѓуетничките односи во Македонија гледам некои цитати од мои текстови објавени во весници… Да се мисли со отворен ум и да се има разбирање за другиот, пристап кој провејува низ неговиот текст, ми е толку познато”, потенцира Малески.
Борјан Таневски почина пред две години, на 23-годишна возраст, по тешко боледување. Таневски дипломира на Американскиот колеџ во Солун, а требало да продолжи на постдипломски студии на Европскиот колеџ во Варшава и Бриж и на престижното Лондонско школо за економија (Лондон Сцхоол оф Ецономицс) во Англија.
Како почит кон неговата личност, студентите и професорите на Американскиот колеџ во Солун во 2003 г. формираа Меморијален фонд “Борјан Таневски” за наградување студент на конкурс за есеј на актуелна тема, која се врачува на истоимениот колеџ.
Основачи на наградата се г. Јосиф Таневски и неговото семејство, во спомен на прерано починатиот син Борјан, сакајќи да придонесат за поддршка на авторите во Македонија кои пишуваат колумни или заземаат храбар став за актуелни општествени или политички прашања.
Д. Медароски
|