Голем исчекор на жените на локалните избори 2005

Наместо со 8,4, општинските совети ќе работат со 22,2 проценти жени

                                                                                                              Албанска верзија

Во руралните средини присутноста на жените во советите е поголема и изнесува меѓу 26 и 44 проценти, додека во урбаните општини тој процент се движи од шест до 13 отсто. Од 84 општини, 46 жени ги предводеле кандидатските листи или изразено во проценти таа бројка изнесува 10,2 отсто.

Во наредните четири години во осумдесет и че­тири  општинските совети во земјата  ќе има 22,2 проценти жени-советнички. Про­цент кој покажува дека жените постигнале го­лем успех на локалните избори 2005, особено ако се знае дека во минатиот мандат имаше само 8,4 отсто советнички во тогашните 124 општини. Во прв­иот круг е реизбрана и градоначалничката на Осло­меј, Саније Садику, а во вториот круг во трка за гра­до­началничкото место влегоа уште три жени. Вио­ле­та Аларова за Општина Центар, Лефкија Гажовска за Кру­шево и Сузана Димовска во Могила. Аларова и Га­жов­ска успеаја да ги добијат мандатите. Сепак, и покрај успехот на жените во повеќето општини, осум општини во Македонија ќе немаат ниту една жена во сво­ите совети. Тоа се општините Зелениково, Нова­ци, Чешиново, Македонски Брод, Чашка, Конче, Мав­ро­во-Ростуше и Пласница. Во останатите општини бројот на жените се движи од шест до 50 проценти, со тоа што во руралните средини присутноста на жени­те во советите е поголема и изнесува меѓу 26 и 44 проценти, додека во урбаните општини тој процент се движи од шест до 13 проценти. Од 84 опш­ти­ни, 46 жени ги предводеле кандидатските листи или изразено во проценти таа бројка изнесува 10,2 проценти. И она што не е помалку важно кога се работи за мултиетничка средина како што е Македонија, за носителите на листите се предложени жени од раз­лич­ни националности.

Овие локални избори ќе останат запаметени и по тоа што општинската комисија во Пласница беше  отповикана затоа што на кандидатските листи немаше ни­ту една жена, со што беше прекршен членот 22 од Зако­нот за локални избори со кој е загарантирано при­суство од најмалку 30 проценти на обата пола на канди­датските листи.

Факт е дека овие локални избори беа од голема важ­ност за Македонија, затоа што токму избраниците во овој мандат ќе треба да ја спроведат децентрализа­ци­јата со која што општините добиваат поголеми ин­ге­ренции, но и поголема одговорност.

“Кога се зборува за успехот на жените на локалните избори 2005 не се зборува само за прогресот или падот, туку се укажува на процесите кои ќе се случуваат и не се однесуваат само на жените, туку на општеството во целост. Квалитетот на живеењето во голе­ма мера зависи од различните решенија за про­бле­мите, а жените како дел од тие проблеми имаат да понудат и решенија. Вистинското место за реша­ва­ње на проблемите и сугерирањето на решенијата се мес­тата на одлучување како на локално така и на национално ниво”, вели Даниела Димитриевска, из­врш­на директорка на Канцеларијата на Македонското женско лоби.

Зошто е важно да има повеќе жени во одлучувачките струтктури на сите нивоа?

“Бројот на жените е важен од многу причини. За да се задоволи принципот на репрезентативност, т.е. секој да учествува во одлуките колку што е и нивни ко­рисник, со поголемо учество на жените во општин­ски­те совети има можност да се даде поинаков вид решенија согласно животните искуства и потреби, а ние знаеме дека мажите и жените имаат и различни искуства и различни потреби. Секако, бројките исто така можат да создаваат модели кои ќе инспирираат голем број жени да ги следат примерите на остана­ти­те жени кои веќе се во политиката”, потенцира Дими­три­евска.

Македонско женско лоби, СОЖМ, ЕСЕ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Антико, како и многу други граѓански асоцијации многу придонесоа за разбивање на стереотипите за улогата на жените во општеството, особено во руралните средини, што резултира со успех. Така, во општини каде што порано немало ниту една жена во администрацијата, сега, меѓу избраните кои ќе одлучуваат за клучните прашања во општината, има значителен процент жени.

“Присуство на жените во општинските совети сметам дека ќе ги омекне односите во самите совети, а сметам дека жените многу ќе придонесат во ефикаснос­та на работењето на локалните структури внесувајќи го својот ентузијазам”, вели Лилјана Поповска, прате­нич­ка и координаторка на Македонското женско ло­би, додавајќи дека секоја политичка партија треба мак­симално да го искористи капацитетот на жените во своите редови. 

Ѓулумсере Касапи, пак, смета дека локалните избори 2005 за жената Албанка се од особена важност не само пора­ди тоа што успеаја да ја заинтересираат албанска­та жена за учество во одлучувачките структури, туку жена­та Албанка докажа дека може и да победува.

“Во овој мандат, општинските совети во своите состави ќе имаат шест пати повеќе жени Албанки од претходниот мандат. Особено е зголемен бројот на жените со­вет­нички во руралните средини, а радува и фактот што избра­ните жени се од сите социјални структури. Но, фак­тот што во одредени политички партии не успеаја да бидат на првите места на кандидатските листи разлути многу жени. Како и да е, локалните избори 2005 се голем успех за албанската жена”, потенцира Ѓулу­м­се­ре Касапи.

Меѓу 28 проценти жени-советнички избрани за Град­ски­от совет на Скопје  е и естрадната уметничка Есма Реџе­пова.

“Сe повеќе Ромки се интересираат за политиката и за влез во институциите на системот каде што директно ќе можат да влијаат на одлуките кои се донесуваат, а кои се од непосредно значење за сите нас”, вели Реџе­по­ва.

Дали беше повреден членот 22 од Законот за локални избори на локалните избори 2005?   

Факт е дека овие локални избори се голем исчекор за жените во Македонија. Меѓутоа, останува отворе­но прашањето колку се почитуваше членот 22 од Законот за локални избори со кој е загарантирано при­су­ство од најмалку 30 проценти на обата пола на кан­ди­датските листи  и зошто на многу кандидатски листи жените ги немаше на првите три места?

“Членот 22 не беше целосно испочитуван”, вели Савка Тодоровска, претседателка на Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ). “Најго­лем пропуст е направен во дообјаснувањето од Држа­вната изборна комисија до општинските изборни комисии за примена на членот 22 и присутноста на помалку застапениот пол, во овој случај жените, на првата и втората половина на кандидатските листи. Конкретно, најголем пропуст беше направен околу бројот  на помалку застапениот пол на листата за 15 членови на советот, каде што двете половини на листата беа поделени на несоодветен процент. Ние од СОЖМ реагиравме до Др­жа­вната изборна коми­си­ја. Од ДИК добив­ме одговор кој мате­ма­тички беше точен, но не и законски. За нас од СОЖМ беше нелогично ДИК да отповикува оп­штински ко­ми­сии поради кршење на членот 22 од Законот за локални избори, а да прифаќа листи со  кои За­ко­нот за локални избори не е испочитуван докрај. Зна­чи, некој тре­ба­ше да ги отповика и членовите на ДИК. Но, на­шата моќ како граѓански сектор е до степен да ги согледуваме состојбите, да ука­же­ме, но не сме толку моќни и да ги промениме”, објаснува Тодо­ров­ска. 

“Местото на кандидатска­та листа е исклучително важ­но. Овие избори пока­жаа дека жените умеат да победуваат и умеат да го оправдаат високото место на кандидатските листи. Сите жени кои беа на првите три места на кандидатските листи се избрани за совет­нич­ки”, додава Савка Тодоровска.