МЦМС ги додели наградите за граѓанско општество и демократија и за одржлив развој

ОД НАС ЗАВИСИ

На 9 јуни оваа година Македонскиот центар за меѓународна соработка по петти пат ги додели Наградата за граѓанско општество и демократија и Наградата за одржлив развој “Херт Јан ван Апел­дорн”. На свеченоста, во хотелот “Александар палас”, во Скопје бројот на лауреати од минатите години се зголеми за осум.

“Постојат две причини по­ра­ди кои МЦМС реши да ги воспостави и да ги доделува овие две награди”, ре­че во своето обраќање Са­шо Клековски, извршен директор на МЦМС. “Ни тре­баше долго време за да сфатиме дека работите за­висат од нас и дека ‘нас’ започнува со јас. Вто­ра­та причина е нашиот од­­нос кон добрите и ло­ши­те работи. Иако овие вториве постојат, тоа не тре­ба да не оне­­воз­можи да ги ви­ди­ме добрите и да ги истакнеме по­­веќе”, додаде Клековски.

Наградата за граѓанско општество и демократија МЦМС им ја додели на: Еколошкото друштво Вила зора од Велес, за дол­го­го­диш­ни постигнувања; Организацијата на жените на Свети Николе и Уни­верзитетот на Југоисточна Европа за постигнувања во прет­ходната година и Македонското здру­жение за борба против ракот и леукемијата кај децата “Пеперутка” за јавност и информирање.

Наградата за одржлив развој “Херт Јан ван Апелдорн” МЦМС им ја додели на: Хуманитарната организација Ел хилал и Сојузот на организациите на жените на Македонија, за долгогодишни постигнувања; Фон­­дацијата за развој на малите и средните претпријатија од Битола и Миле Стојкоски, за достигнувања во претходната година.  

 

Награда за граѓанско општество и демократија за долгогодишен придонес

Еколошкото друштво Вила зора од Велес ја доби наградата за јакнењето на учеството на луѓето во одлуките, кои се однесуваат на нив.

Вила зора иницира и спроведе голем број трибини, јавни нас­та­пи, лобирања, митинзи, демонастрации насочени кон заш­ти­та и унапредување на животната средина и природата во оп­шти­на Велес. На тој начин Вила зора ги вклучи граѓаните и јав­ното мислење во процесот на одлучувањето за нивната иднина.

“Оваа  награда не е само награда за членовите на Вила зора”, ре­че во своето обраќање д-р Ненад Коциќ, претседател на “Вила зора”, “ние оваа награда им ја посветуваме на нашите гра­­ѓани кои низ овие години ја поддржуваа работата на на­ше­то друштво. Ова е награда за стотиците велешани кои во 2003 го­дина ја блокираа работата на најголемиот загадувач во гра­дот, за новинарите на локалните и на националните медиумите, кои секогаш ги пренесувале нашите иницијативи и активности. Сакам да ја искажам мојата почит и благодарност  кон членовите на друштвото, за нивната љубов и за тоа што во ра­бо­тата на друштвото дале и дел од својата душа, и пос­ве­ту­вај­ќи многу часови работа, делејќи ја радоста и тагата, тие ја зас­лужија оваа награда”, додаде Коциќ.


Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за долгогодишен придонес

Сојузот на организациите на жените на Македонија ја до­би наградата за унапредувањето на развојот на луѓето, со ло­кални и национални иницијативи во секторите како што се образованието, здравството и социјалната грижа, и за про­мо­ција на правото на еднаква можност и пристап.

Глав­ните постигнувања на СОЖМ се на полето на учеството на жените во политичкиот и јавниот живот, преку предлозите и лобирањата за воведување квоти за поголема застапеност на жените на кандидатските листи за локалните и парламентарните избори (внесени како членови во законите за локални и парламентарни избори), лобирањето и застапувањето за јакнење на институционалните механизми за родова еднаквост (на национално и на локално ниво); лобирањето и измените и дополнувањата во Законот за семејство (допол­ну­вање во однос на семејното насилство).

“Оваа престижна награда ја добивме затоа што оние што н$ предложија веруваа во нас, оние што н$ избираа веруваа во нас и во резултатите што ги постигнуваме и затоа што и ние веруваме во нас”, рече Савка Тодоровска, претседателка на СОЖМ, примајќи ја наградата. “Веруваме затоа што веќе 15 го­дини знаеме како, знаеме зошто, имаме своја визија, имаме свои цели и знаеме дека нема да има прогрес и демократи­ја ако не работиме заедно”, додаде таа.


Награда за граѓанско општество и демократија за постигнување во претходната година

Универзитетот на Југоисточна Европа ја доби  оваа награда за промоција на мерки за изградба на доверба и почит. 

Универзитетот на ЈИЕ е првиот универзитет којшто ја искорис­ти можноста за употреба на јазиците на етничките заедници (ал­бан­ски јазик) и истовремено ја задржа довербата на неалбанските заедници (и на студентите и на наставниците). По­ка­за­тел на ова е процентот на неалбански студенти на Уни­вер­зи­те­тот што изнесува повеќе од 20%. УЈИЕ доследно го спроведува Болоњскиот документ.

“Токму на ова место пред четири години неговата екселенција Макс ван дер Штул собра голем број медиуми и луѓе од по­ли­тич­киот и општествениот живот за да го објави основањето на Уни­верзитетот,” рече во своето обраќање Џеваир Ме­ме­ди, генерален секретар на УЈИЕ. Заблагодарувајќи се од името на Ре­кторатот, Мемеди ја искажа својата убеденост дека “Уни­вер­зи­тетот на ЈИЕ успешно се носи со задачата оваа држава да ја унапреди уште повеќе и да придонесе за успехот во нејзиното припојување кон ЕУ”.


Награда за граѓанско општество и демократија за јавност и информирање

Македонско здружение за борба против ракот и леукемијата кај децата “Пеперутка” ја доби наградата за градење врски, мре­жи, размени и комуникација меѓу организациите во граѓанскиот сек­тор со државниот и со приватиот сектор. Организацијата во 2004 година имаше засилен јавен настап со којшто ги потенцира про­блемите со недостатокот на цитостатите за децата болни од рак и леукемија. Јавниот настап предизвика државните институции да реагираат согласно нивните обврски и беа обезбедени ле­ко­ви за болните деца. Се влијаеше на подигање на јавната свест. До­биена е поддршка и помош за заболните деца од рак и од сите пе­чатени и електронски медиуми. Организирани беа телевизиски три­бини со институции, како и пренесување на многу животни сто­рии на болните деца. Беа реализирани над 50 настапи во електрон­ски­те медиуми. Финансиска помош добиле над 40 деца. Онколош­ки­от оддел на детската клиника беше делумно реновиран.

“Имаме намера да се завртиме кон општеството и да му соопштиме дека ние сме тие што ги носат промените”, рече Наташа Котлар-Трај­ковска, претседателка на “Пеперутка”. “Ние навистина започ­нав­ме од себеси. Сакавме да покажеме колку можеме самите да при­донесеме и да не чекаме некој друг да ни ја заврши работата за која самите сме способни. Ви благодарам и ве повикувам ва­ша­та огромна енергија да ја насочите кон сите нас, кон ова општество што сите го сакаме и кое се вика Македонија”, заврши Котлар-Трај­ков­ска.


Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за постигнувања во претходната година

Миле Стојкоски ја доби наградата за промоција и поддршка на пра­­вото на еднаква можност и пристап.

За време на Олимпијадата во Грција, Миле Стојкоски го помина па­тот од Прилеп до Атина во својата инвалидска количка долг 704 км. Миле Стојковски покажа дека лицата со хендикеп не за­остануваат зад другите и можат да дадат блескави резултати.

“Она што ме поттикна да го направам овој чекор беше да до­ка­жам дека и ние сме дел од тоа општество и дека можеме и сакаме да учествуваме заедно со вас во градењето на нашата др­жа­ва”, рече Миле Стојковски. “Довидување во Пекинг”, Стојковски ги поздрави  присутните.


Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за постигнувања во претходната година

Фондацијата за развој на малите и средните претпријатија од Битола ја доби наградата за унапредување на економскиот и материјалниот раз­вој.

Фондацијата за развој на малите и средните прет­пријатија иницира прекугранична соработка во регионот, Преспа-Охрид-Корча-Кожани што претставува активност којашто ги сумира сите активности од областа на: развој на секторот на малите бизниси, претприемништвото, за­ед­ничките вложувања, регионалниот развој, развојот на сите форми на туризмот и заштита на човековата околина.

“Кога започнавме да работиме, сфативме дека ако се затвориме во кругот на Битола, нема мно­гу да направиме, затоа и ја започнавме регионалната соработка со Грција и со Албанија”, ре­че Драган Дамјановски, извршен директор на Фондацијата. “Им благодарам на сите кои­што веруваа во регионалната соработка и на МЦМС кој имаше храброст да н$ награди за овие активности”, додаде Дамјановски. 


Награда за одржлив развој Херт Јан ван Апелдорн за долгогодишен придонес

Хуманитарната организација Ел хилал ја доби наградата за промоција и поддршка на правото на поединците, групите и луѓето да учест­ву­ваат и да уживаат во континуиран економски, социјален, културен и по­ли­тички развој во кој сите во потполност ќе ги остварат своите човекови права и фундаментални слободи.

Ел хилал веќе 14 години спроведува активности насочени кон јакнење на  солидарноста на граѓаните. Во со­­цијално-хумантарната сфера, Ел хи­лал беше активен во поддршка на бегалците и си­ро­машните гра­ѓа­ни на Маке­дони­ја.

Ел хилал исто та­ка ја поддржува ед­­укацијата и обра­зованието на де­цата од си­ро­маш­ните слоеви, особено во руралните средини.

“Во моментов се раѓаат пријатни чувства што по толку години работа пос­ветена на хуманоста и солидарноста со оваа престижна награда која го носи името на еден познат хуманист Јан ван Апелдорн, Ел хилал се искачи на пиедесталот на организациите во граѓанскиот сектор во Македонија, место што оваа организација го заслужува”, рече на доделувањето на наградата Бехиџудин Шехапи, претседател на Ел хилал.