Активности на “Доверба”
Истражување за кршењето на човековите права
По успешно организираната панел-дискусија за Законот за дроги, во здружението на граѓаните „Доверба” е во тек реализација на истражување за кршењето на човековите права во затворите, кај корисниците на метадон, во веќе формираните центри низ Македонија.
Добиените резултати ќе бидат објавени на тркалезна маса што се најавува дека ќе биде организирана наскоро, а истите ќе бидат преведени на англиски и на албански јазик и ќе бидат доставени до надлежните институции.
„Доверба” досега активно беше вклучена во создавањето на Националната стратегија за дрогите, а во овој период од годината работи и на отворање центри за лекување од дрога во Скопје, по примерот на неколкуте што веќе постојат во некои градови во Македонија. За заинтересираните граѓани континуирано е отворено советувалиштето со информативна линија наменета за проблемите поврзани со дрогите, превенцијата од ХИВ, хепатит Ц и други сексуално и крвно преносливи болести. Информативната линија 02/3067-713 е отворена секој работен ден од 15 до 20 часот, а советувалиштето од 17 до 20 часот.
„Довербата е загарантирана, анонимноста исто така, не е потребна никаква документација, туку само добрата волја на лицето или на семејството да разговара за своите проблеми” - ни објасни Кети Тодорова.
ЗГ „Доверба” е здружение за унапредување на лекувањето, рехабилитација, ресоцијализација и превенција за лицата кои користат дроги и други психоактивни супстанции и за нивните семејства. Оттаму, активностите на „Доверба” се во насока да се подобри третманот, да се подобрат условите и да се вратат корисниците на дрога во нормален живот.
|
|