ПРОМОЦИЈА
 


Програма на претставување проекти за промоција на меѓуетнички односи финансирани од Европската Унија

Присутните ги поздрави Даниел Џулиарис, шеф на Европска агенција за реконструкција, истакнувајќи дека “Секој од овие проекти има иста важност, зашто ги отсликува желбите на луѓето да живеат заедно. Никој од нас не може да биде сигурен дека сите овие проекти ќе ги разрешат постојните конфликти, но тие се дел од процесот во кој ние ја помагаме и насочуваме земјата кон вистински развој”.

Следеше претставување на активностите на проектот - Детскиот куклен театар на Европскиот центар за заедничка основа. Проект-менаџерот Корнелија Чипушева, ги запозна присутните дека проектот трае две години и дека детската претстава “Волшебниот коњ” ќе биде прикажана во 12 градови во Македонија. Целта е децата да се запознаат со живот во мултиетничко општество и да се едуцираат за начините за справување со конфликти.
На презентацијата беше претставен и проектот на ЕАР “Страници за меѓусебно разбирање” од главниот и одговорен уредник на “Лоби”, Исо Руси” и Сашо Клековски, директор на МЦМС.
“Значајно е да се разбиваат стереотипите и добро е да се полева дел од пустината, која објективно постои на полето на размена на информации, и да се чека да се појави нешто зелено”, рече Руси.
Сашо Клековски посочи дека од вкупно сто страници “Меѓутоа”, досега се објавени 15 и дека Здружението на новинари ќе организира панел-дискусии, врз база на наодите и анализите од оваа страница.
На крај беа презентирани и проектите “Триаголник-три универзитети одговараат на етничките поделби” и “Развој на заедниците преку подобрување на меѓуетничките односи”, а беше прикажана и детска театарска претстава, во изведба на деца од училиштата “Петар Здравсковски-Пенко”, “26 Јули” и “Партение Зографски”.