Коментар

Пролет, но дали навистина се се буди?
 

Дојде и оваа пролет и 21 март веќе по традиција во поголем дел од земјава се одбележа со садење дрвца, со чистење на зелените површини, со изложби на детски цртежи, со делење награди за проекти од областа на животната средина, со предавања во училиштата и др. Со години наназад, овие денови се исполнети со стереотипни и очекувани активности во чиј центар се младите и најмладите, а во редот на возрасните се вбројуваат наставниците , градоначалниците, по некој министер и, се разбира, претседателот на државата.

Пролетта се буди, а во земјава нема поголеми активности, проекти на еколошките друштва, на „зелените граѓански организации”, што би биле насочени кон анимирање на јавноста и надлежните за актуелните случувања со климатските промени на планетата Земја и можностите за ублажување на последиците од нив.

Веќе подолго време во Македонија нема помасовни акции, протести, собирања на тема заштита на животната средина. Дали фокусот на интерес стана премногу дневноисполитизиран, така што глобалните еколошки прашања што го загрижуваат светот, не ги сметаме за свои?  

Паметам кога пред десеттина години на улиците на Скопје се протестираше со гас-маски против аерозагадувањето. Еколошките друштва се организираа и ги привлекоа граѓаните да го искажат својот револт против загадувањето коешто го придизвикуваше сообраќајот. Се протестираше во тој период на будење на граѓанската свест и против загадувањето предизвикано од велешката Топилница, против загадувањето на водите и др. Но, што ли ни се случи во меѓувреме? Наместо да се зголемуваат, се намалија темите за протест. И денес, иако состојбата со животната средина во земјава не ни е завидно ниво, протести нема. 

Да не забораваме, и ние сме дел од глобално затоплената Земја, а сакале или не, во последно време тоа сите веќе и го чувствуваме.   

 

Катерина Богоева