Коментар

Рака под рака

Пред неколку недели бев меѓу учесниците од Маке­донија на „Деновите на граѓанските здруженија“ во Загреб. Уште пред да ја видам манифестацијата се прашував каков ќе биде, за разлика од нашиот НВО Саем „Форум на граѓанското општество во Маке­донија“, кој се одржа кон крајот на октомври минатата година, во организација на МЦМС, ФИООМ, ИТЗ и ЦРС. И на оваа мани­фестација бевме заедно, па според виденото, можеме да се гордееме дека сме подобри организатори.

Во разговорот со нашите домаќини, прет­ставниците на Одделот за граѓански здру­женија при Владата на Република Хрватска, разбрав дека манифестацијата е орга­низирана од нивна страна. Додека кај нас невладините организации се само­орга­низираат за да се претстават пред јавноста и вложуваат напори да изнајдат средства за нивните активности, во Хрватска владата тоа сама го прави. Ова има две позитивни страни: од една страна државата вложува средства финансирајќи ги најдобрите проекти на невладините организации, со што тие ста­нуваат нивни партнер во решавањето на проблемите, а од друга страна има преглед над работата на невладиниот сектор.

Владиниот и невладиниот сектор имаат различни улоги и одговорности во решавњето на проблемите и во развојот на општеството во целина. Затоа односот и интересот на државата спрема невладините органзиации ќе обезбеди долгорочна стабилност на демократското движење, растоварување на државата во некои подрачја и смалување на нејзините трошоци. А, невладините орга­низации ќе бидат транспарентни во извршу­вањето на обврските спрема заед­ницата, финансиерите и корисниците.

Знаеме дека веќе низа години наназад невладините организации во Македонија се етикетирани како пералници на пари, дека се збогатуваат на грбот на сиромашните, па и годишните финансиски извештаји се недовол­ни за дел од јавноста околу рабо­тењето со финансиските средства. Можеби со едно вакво петгодишно искуство на Хрватска во соработката помеѓу владиниот и невладиниот сектор сомнежот до некоја мера ќе се намали.

Невладиниот сектор е место каде граѓанските иницијативи се собираат и го развиваат општествениот и човечкиот потенцијал и се интегрален елемент на општествено-поли­тичкиот живот. Затоа да се обидеме сите да придонесеме во развојот на модерно гра­ѓанско општество во Македонија.

 

Грамоз Шабани