Извештај на УНИЦЕФ за 2006 година

Се намалува смртноста на децата

Првпат во модерната историја, во 2006 г. степенот на смртност на деца помлади од пет години се намалил под 10 милиони, се наведува во најновиот извештај на Фондацијата за деца при ООН (УНИЦЕФ).

Ова е историска пресвртница”, оценува извршниот директор на УНИЦЕФ, Ен Венеман, предупредувајќи дека на светот му претстои голема работа на овој план.

„Загуба на околу 9,7 милиони млади животи годишно е неприфатливо”, изјави таа, појаснувајќи дека „повеќето од овие жртви може да се спречат”.

Напредокот е резултат на прифаќањето основни здравствени стратегии, како што се раното доење и доењето како исклучив облик на прехрана на новороденчињата, вакцинирање на децата, земање витамини за јакнење на имунолошкиот систем, како и борба против маларијата.

Примарно лечење на запаление на белите дробови и цревните болести, мерки против големата ненахранетост и лечење на децата заразени со ХИВ/СИДА се еднакво важни стратегии во борбата за преживување на децата, како што се прифаќање на хигиенските навики, пристап до пивка вода и здравствена заштита.

Меѓу клучните заклучоци на УНИЦЕФ се истакнува дека секоја религија остварила напредок, но резултатите од 1990 до 2006 година се најдобри во Латинска Америка и на Карибите, во централна и источна Европа, во државите од бившиот Советски Сојуз, во источна Азија и на Пацификот.

Големата смртност на децата во минатото ја погодуваше Азија, додека денес околу 50 проценти од сите деца на возраст до пет години, се од супсахарска Африка.

Ако продолжи актуелниот тренд, 2015 година супсахарска Африка ќе биде подрачје со околу 60 проценти на смртност на сите деца до пет години во светот.

Уверлив напредок во намалувањето на смртноста на децата оствариле Кина и Индија.

Во Кина, од 1990 до 2006 г. намалувањето на смртноста изнесувала 47 проценти, а во Индија, во истиот период, 34 проценти.

И покрај трагичниот тренд во супсахарска Африка, зна­чителен напредок оствариле одделни држави, како што се Малави, каде смртноста се намалила за 29 проценти од 2000 до 2004 година, а потоа и во Етиопија, во Мозамбик, во Намибија, во Нигерија, во Руанда и во Танзанија.

Најголемата смртност е кај децата во западните и во централните африкански држави и во јужна Африка, каде ширењето на ХИВ/СИДА ги поништува напорите на здравствените работници во борбата за преживување на децата.

Извештајот на УНИЦЕФ е изработен врз основа на податоци добиени од владите на државите членки на ООН, но некои експерти, како Кристофер Муреј, директор на Институтот за здравствени истражувања при Универзитетот во Вашинг­тон, се сомневаат дека е остварен напредок.

Успехот во намалува­њето на стапката на смртноста кај децата е важен за постигнување на „Милениумските цели” на кои во седиштето на Светската организација се обврзаа светските лидери во 2000 година.

Милениумските развојни цели го обврзуваат светот до 2015 година за две третини да го намали бројот на починати деца до пет години, со што би се спречила смртта на околу 5,4 милиони деца годишно