Меѓународен ден на лицата со посебни потреби

Хендикепираните се еднакви со останатите

Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби оваа година се совпадна со одржувањето на НВО саемот – 4 форум на граѓанското општество во Македонија. Организациите кои работат со лицата со посебни потреби ја искористија можноста да поразговараат меѓу себе, но и да ги презентираат работите што ги направиле до­сега.

Здружението Полио плус по втор пат ги додели наградите “Вулкан”. Оваа година наградите ги добија писателот Бранко Ортаковски, за романот “Како до изгубеното здравје”, сликарката Афредита Кики за нејзиното твореш­тво и Миле Стојкоски, за патувањето со инвалидска количка од Прилеп до Атина.

Наградите се состојат од златна плакета и паричен износ од 15.000 и 30.000 МКД, а се доделуваат на ли­цата кои во претходната година при­донеле за промоцијата на пра­вата и положбата на лицата со посеб­ни потреби.

Во текот на НВО саемот, Полио плус го организира панелот “Медиумите и хендикепот” на кој лицата со посебни потреби им кажаа на но­винарите 10 златни совети во извес­тувањето за нив. Тие порачаа дека не сакаат да бидат само тажна приказна, сензација за еден ден или некој над чија судбина треба да се плаче. Медиумите мора да влијаат врз свеста на сите дека хендикепираните се еднакви со останатите. На хендикепираните им е потребна помош бидејќи им треба малку повеќе време за секојдневните активности, а животот ќе им биде многу полесен доколку успееме сите заедно да ги отстраниме бариерите, и оние архитектонските, но и бариерите во свеста на сите нас.

На панелот “Единствен глас” претставниците на Заедницата на инвалидските организации и релативно поновите организации кои работат на промоција и заштита на правата на лицата со посебни потреби дебатираа и се обидоа да ги приближат своите ставови за тоа како ќе дејствуваат за да ги остварат своите цели. Ова е продолжение на дискусиите што веќе неколку месеци се водат помеѓу овие условно речено два субјекти кои ра­ботат со лицата со посебни потреби.

И Интерпарламентарната ло­би-група за лица со посебни потре­би имаше своја презен­тација. Прет­седа­тел­ката, Лил­јана Попов­ска, се осврна на резултатите и плановите. „Она што досега го постигна Интер­парла­ментар­на­та група е донесување на Декла­рацијата за заштита и уна­предување на правата на лицата со посебни потреби, се измени и дополни Законот за вработување на инвалидизирани лица, а од особено значење беше измената во правилникот за набавка на ортопедски помагала со која партиципацијата од 40 отсто се намали на десет отсто”, објасни Поповска. Следните че­кори на лоби-групата за правата на лицата со посебни потреби во Собранието се системски закон, механизми за имплементација и  заштита, а од особена важност се плановите за формирање национален совет којшто би имал стратегија како да им се помогне на хендикепираните на ниво на државата , како и формирање фонд на државно ниво кој ќе биде во функција на лицата со посебни потреби.

Ли­цата со посебни потреби добија и ветување од парламентарците дека до мај 2005 година, кога за прв пат ќе се одржат денови на маке­донското Собрание, ќе можат слободно и лесно со количките да влезат во највисокиот законодавен дом. Ветувањето е дека  рампата којашто требаше да биде изградена пред многу години, најпосле ќе се изгради.

Гонце Јаковлеска