Граѓански комитет за развој - Пробиштип
ОСОГОВО ЕКОРЕГИОН
Граѓанскиот комитет за развој од Пробиштип, го реализира проектот “Осогово екорегион” чија главна цел е овозможување одржлив развој на осоговскиот регион. Посебно внимание се посветува на размената на информации и евиденција на потенцијалите во регионот; утврдување приоритети за одржлив развој на регионот и промоција и афирмацијата на потенцијалите и можностите на осоговскиот регион.
Осоговскиот регион не е доволно афирмиран, сметаат во ГКР од Пробиштип. Со реализацијата на проектот тие се надеваат дека ќе придонесат за развојот на еколошкиот и селскиот туризам во регионот, запознавање на јавноста со сите потенцијали на Осоговието и зголемување на соработката меѓу локалните самоуправи и другите организации и институции во регионот.
Активностите се фокусирани на одржување јавни трибини во поголемите општини од регионот, одржување тркалезна маса и потпишување меморандум за соработка меѓу претставниците на локалните самоуправи, изработка и дистрибуција на екотуристичка карта и промотивна публикација и подготовка и емитување на документарно-репортажна емисија.
Активностите се реализираат во поголемите општини од осоговскиот регион: Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Кочани и Македонска Каменица, во периодот од јули 2004 година до јуни 2005 година. Партнери во реализацијата на проектот се локални граѓански организации, локалните самоуправи, медиуми и јавни претпријатија од регионот.
Во рамките на проектот беа спроведени неколку трибини на тема: “Осоговски регион, ресурси, идеи и можности за развој и соработка”, “Можности за развој на алтернативни видови туризам во осоговскиот регион” и “Производство на здрава храна - органско земјоделие”.
Проектот е поддржан од страна на Регионалниот центар за заштита на животната средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) со средства обезбедени од Еуропе аид, Канцеларијата за соработка на Европската комисија, во рамките на Програмата за национални и регионални грантови за граѓански организации (ЗГ) во областа на одржливиот развој во Западен Балкан. Буџетот изнесува 8.014 евра.
Граѓански комитет за развој - Пробиштип Е-маил: gkrprobistip@yahoo.com
Гонце Јаковлеска
|