Признание
Екократер награден за најдобар визуелно-графички дизајн
Здружението на граѓаните Екократер од Кратово е добитник на годинешната Награда за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга, која по третпат, во Инфоцентарот во Скопје ја додели Фондацијата Институт Отворено општество - Македонија.
Целта на наградата е унапредување на стандардите и поттикнување на креативноста и професионализмот во областа на визуелно-графичкиот дизајн на печатените дела.
На објавениот конкурс, освен наградениот туристички водич, пристигнале и печатените изданија „50 години Музеј на Прилеп” на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп, „100 години модерна архитектура 2 - придонесот на одделните земји и новите мајстори на модерната” од д-р Михаил Токарев кој наедно се јавува и како издавач и технички уредник, Енциклопедијата МИ-АНОВА на книгоиздателството МИ-АН, а Форумот за правата на Ромите „Арка” од Куманово, Центарот за демократски развој од Тетово, Центарот за граѓанска иницијатива - Прилеп и „Избор” од Струмица, конкурирале со Извештај за периодот 2004-2005 година. Наградата е во висина од 1.000 евра, а за годинешниот добитник решаваше жири-комисијата во состав: Славица Јанешлиева-Бачварска, ликовна уметница, Дејан Ѓеорѓиевски, веб-уредник и Гордана Дувњак, уредник во Утрински весник и член на Управниот одбор на ФИООМ.
|
|