Панел: Влијанието на граѓанскиот сектор врз економскиот развој на Македонија Организатор ЕЦМП - НВО мрежа за подобрување на меѓуетничките односи во РМ - Иницијативи за развој на општеството
Фокусот на интересирање од меѓуетнички односи се префрла на економски развој
На 13 декември во Скопје ќе се формира сојуз на здруженијата на граѓаните - Иницијативи за равој на општеството (ИРО) „Влијанието на граѓанскиот сектор врз економскиот развој на Македонија“ на првиот ден на саемот на НВО се одржа панел во организација на ЕЦМП – НВО мрежа за подобрување на меѓуетничките односи во РМ - Иницијативи за развој на општеството. Воведничарите, претставници на мрежата Александра Бојаџиева, Пајтим Саити и претседавачот Сенат Беќири пред присутните ги презентираа иницијативите за развој на општеството - Стратешкиот план за 2005–2007 година, наедно информирајќи и за формирањето на Сојузот на здруженијата на граѓаните - Иницијативи за равој на општеството (ИРО) на 13 декември годинава во Скопје. Според организаторите, Сојузот во иднина ќе функционира како формална мрежа во чиј фокус на интересирање ќе биде економскиот развој, а на која мрежа ќе имаат можност да & се приклучат сите заинтересирани здруженија на граѓани од земјава.
Презентираниот стратешки план, според Александра Бојаџиева, внесува новина во Македонија на полето на отворање можност за создавање нови ориентирани програми за услуги, градење на сопствени ресурсни сервиси, развој на заедничка програма со други мрежи од регионот или, пак, со мрежи со меѓународно значење. Исто така, планот предвидува и формирање нови медиуми чија целна група ќе бидат токму граѓанските организации.
„Нашата мрежа работи на децентрализација на граѓанскиот сектор во земјава, а една од нејзините најважни особености е што ЗГ соработуваат меѓу себе на добар начин. Планираме генерално да работиме на економскиот развој кој ќе вклучува и реализација на локални иницијативи. Во текот на 2005 година ќе се работи на идентификација на потребите, а практичната работа со реализација на проекти се предвидува да започне во втората половина на 2005 година. Се предвидува членовите на мрежата да продолжат со обуки на локално и на национално ниво“ – истакна Бојаџиева.
Во мрежата се вклучени седумдесетина ЗГ, а како што нагласи Пајтим Саити, таа функционира добро првенствено поради посветеноста на членовите на ЗГ кои се вклучени во неа, поради нивната секојдневна работа на терен меѓу граѓаните во земјава, без разлика на етничката и на верската припадност.
ЕЦПМ - НВО мрежата е формирана во 2001 година под иницијатива и во соработка со германската организација Фленсбур и до крајот на оваа година завршува предвидениот проект фокусиран на подобрување на меѓуетничките односи во Македонија. Реализацијата на мрежата е овозможена со финансиска поддршка на Шведската агенција за развој –СИДА, Британската амабасада во Скопје, Данското министерство за надворешни работи и Норвешкото министерство за надворешни работи, а се предвидува дел од нив и понатаму да продолжат да ја помагаат најавената формална мрежа - ИРО.
|
|