Програми за намалување на штети во правец на превенција на ХИВ/СИДА кај лица зависни од дроги

Интравенозна злоупотреба на дроги најопасна !

Дури 60% од новозаразените особи со ХИВ вирусот во Европа и Азија се зависници од дроги кои психоактивните супстанци, најчесто хероинот, ги злоупотребуваат со интравенозно инјектирање.

„Интравенозното зимање дроги е поопасно од било каква злоупотреба на дроги, бидејќи токму интравенозната употреба на опијати доведува до пренесување на ХИВ вирусот како и хепатитисот Ц и Б. Ова се потврдува со фактот шгто дури 60% од новозаразените особи со ХИВ вирусот во Европа и Азија се зависници од дроги кои психоактивните супстанци, најчесто хероинот, ги злоупотребуваат со интравенозно инјектирање.“

Ова го истакна примариус д-р Славица Гајдаѕис- Кнежевиќ, директор на психијатриската болница Скопје на панелот за програми за намалување на штети во правец на превенција од ХИВ/ СИДА кај лица зависни од дроги во организација на граѓанската асоцијација Доверба.

„Зошто токму програма за намалување на штетите? Ние не можеме да поставуваме нереални цели и да бараме од зависниците веднаш да престанат да зимаат дрога велејќи им дека треба само да ја зајакнат својата волја и ќе се оддалечат од порокот. Тоа не е можно од едноставна причина што зависниците имаат проблем со волјата, имаат проблеми со личноста, и затоа програми за намалување на штетите се програми кои можат да им помогнат на оние кои ги злоупотребуваат психоактивните супстанци по интравенозен пат“, рече д-р Гајдаѕис - Кнежевиќ.

Д-р Натка Кочовска пак, истакна дека точниот број на зависници од било какви дроги во нашата земја не се знае, но се оперира со бројка од 30.000 лица, а од нив осум до десет илјади имаат сериозни телесни, душевни и социјални проблеми. Застрашувачки е податокот дека во последните тринаесет години бројот на зависниците во Македонија се зголемил за 200%.          

Оние пак, кои интравенозно ја зимаат дрогата имаат и ризично однесување. Се знае дека токму размената на шприцевите и честото менување на сексуалните партнери се причини за новозаразените со ХИВ вирусот. Така, при испитувањето на 630 лица кои зимаат некои од психоактивните супстанци, 58% од нив  изјавиле дека дрогата ја зимаат интравенозно, 43% од нив признале дека прават размена на опремата за инјектирање со другите зависници, а 16% од испитаниците размената ја вршат со четири до пет други зависници.

„Државата мора да се соочи со проблемот на зависноста од дроги. Не е никакво оправдување дека нема пари. Некои проекти пропаднале само поради лошата организација и неможноста да се спроведат, а илјадници долари биле потрошени на разни обуки за проекти кои никогаш не профункционирале. Зависниците не смеат да се маргинализираат, тие се дел од општеството“, истакна на крај д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ.