ХДЗР “Месечина”, Гостивар
Потпишан меморандум за соработка
На 9 март, оваа година, во Гостивар беше потпишан меморандум за соработка помеѓу ХДЗР „Месечина” и општината Гостивар, Центарот за социјална работа, Фондот за здравствено осигурување, подрачна единица Гостивар и Центарот за вработување Гостивар, за отворање на Ромскиот инфромативен центар, кој финансиски е помогнат од Министерството за труд и социјална политика.
„Хуманитарното добротворно здружение на Ромите ’Месечина’ од Гостивар, во нејзиниот пат досега изгради кредибилитет како во земјата, така и надвор од неа. ’Месечина’ има свои ограноци во Кичево, во Тетово и во Дебар. ’Месечина’ во соработка со шест граѓански организации отвори шест центри во исто толку градови во рамките на програмата ’Граѓанско-советодавни центри’, финансирана од МЦМС и од ФИООМ. Оваа програма ќе продолжи до март 2008 година со средства од ИТЗ. Ромскиот информативен центар е дел од мозаикот ’Граѓанско-советодавни центри’, кој ќе има за цел функционална размена на информации преку граѓанските организации, локалните институции и граѓаните припадници на ромската заедница” рече во поздравниот збор Рамадан Пини, претседател на ХДЗР „Месечина”.
„Гостивар, за разлика од многу други градови, има хетерогена структура од националности. Денес чувствувам големо задоволство, бидејќи најголем дел од мојата младост сум ја поминал со Роми. Отворањето на Ромскиот информативен центар што го прави ’Месечина’ е голема работа. Во рамките на општината Гостивар функционира Центарот за информирање на граѓаните. Верувам дека и Ромскиот информативен центар ќе им послужи и на другите заедници кои живеат во Гостивар.” изјави градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.
Мабера Камбери, од Министерството за труд и социјална политика, кажа дека во иднина ќе се отворат осум информативни центри во градовите со поголема концентрација на ромско население.
Г. Шабани
|