Одбележана светската Недела за борба против ракот
Ракот на дојката ја напаѓа младата популација
Бројот на регистрирани жени заболени од рак на дојката во 2006 година во Македонија е 600 и тој континуирано расте, пред сe кај помладата женска популација. Овие податоци беа соопштени по повод традиционалното одбележување на светската Недела за борба против ракот, од 1 до 7 март, при што граѓанската организација „Животна искра” ги презентира најновите податоци и активностите за рана дијагностика и соодветен третман на ракот на дојката во нашата земја. Според нив, во периодот од 1998 до 2006 година во Македонија се регистрирани 19 пациенти на возраст од 21 до 30 години, 208 пациенти на возраст од 31 до 40 години, 969 пациенти од 41 до 50 години, од 51 до 60-годишна возраст регистрирани се 2.262 пациенти, 1.970 пациенти од 61 до 70 години, додека 30% од вкупниот број заболени жени од рак на дојката се на возраст од 70 години.
Членовите на „Животна искра” за особено загрижувачки го сметаат фактот на зголемување на бројот на новозаболени лица помлади од 19 години, кај кои се бележи пораст во стапката на заболување од 9,8 на 15 проценти на 100.000 жители. Истражувањата на оваа организација велат дека со навременото дијагностицирање на заболувањето, може да се избегне фаталниот исход кај 30 до 40 % од заболените лица. „Министерството за здравство за оваа година ги удвоило средствата и издвоени се 630 милиони денари за овој вид терапија и за Националната програма за борбата против ракот на дојката што е во завршна фаза на изготвување”, истакна заменик-министерот, Владимир Лазаревиќ, на прес-конференцијата на „Животна искра”.
С.Н
|
|