УСАИД
Доделени грантови на 12 граѓански организации
На 6 февруари, во Скопје, Националниот ромски центар од Куманово одржа сесија со новинарите, со што практично ја започна кампањата за образование на Ромите “Клучот е во вашите раце”.
Беше посочено дека Ромите се судираат со голем број предрасуди кога се известува за нивното секојдневие, дека честопати се синоним за сиромаштијата во Македонија, за социјални случаи, за злоупотреба, криминал или малтретирање, но и дека ретко се пишува за позитивни примери, за Роми доктори на науки, универзитетски професори или успешни жени. Учесниците дискусијата ја посветија на начинот на информирање за проблемите на Ромите.
Директорот на Управата за развој на образованието на заедниците при Министерството за образование и наука, Драган Недељковиќ, изјави дека во Македонија денес има 940 средношколци што се стипендираат и кои постигнуваат завиден успех, што е доказ за нивната интелегенција, но дека е потребно подобрување на социјално-економските услови. Исто така, тој навести дека во план е отворање катедра за ромски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје и група при Педагошката академија. Голем дел од учесниците на сесијата се согласија дека ситуацијата со начинот на известување за ромските проблеми ќе се подобри преку вработување новинари Роми, кои ќе пишуваат за проблемите во своите средини. Во рамките на Програмата за едукација на новинари Роми на Македонскиот институт за медиуми се обучуваат 12 млади Роми.
Мабера Канбери од Министерството за труд и социјална политика информира дека Македонија доби 1,4 милиони евра во рамките на Декадата на Ромите и дека во земјава има околу 150 студенти Роми.
„За време на кампањата, која ќе трае до јуни оваа година, планираме да ги посетиме сите ромски семејства во Куманово, во Скопје и во Прилеп, со што ќе ги запознаеме со можностите што им се нудат со Ромската декада во основното, во средното и во високото образование”, најави Славица Ќурчинска од Националниот ромски центар. Кампањата е поддржана од претседателот на Република Македонија, од Министерството за образование преку Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на националностите, од Министерството за труд и социјална политика, од Македонска информативна агенција, од градоначалниците на Град Скопје, Шуто Оризари, Куманово, Прилеп, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир, од Советот за радиодифузија, од Адвокатската комора на Македонија и од Македонскиот институ за медиуми, а финансиски ја поддржува Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта со вкупна сума од 20.000 евра.
|