Хрватска
“Европа во училница”
Кон крајот на март, организацијата ГОНГ започнува да ја спроведува втората сезона од проектот “Европа во училница”. Станува збор за интерактивни работилници наменети за матурантите на средните училишта во Република Хрватска каде на интересен и интерактивен начин ќе бидат објаснети конкретните чекори за членство на земјата во Европската Унија. Посебен акцент ќе биде ставен на значењето на тој чекор за младите, за нивната мобилност, за образованието и за идното вработување.
Со проектот е предвидено одржување на 800 интерактивни работилници во 200 средни стручни училишта и гимназии, каде ќе учествуваат 22.000 матуранти. Целта на проектот е да се поттикнат младите објективно да размислуваат за ЕУ и да се намалат предрасудите кои се резултат на неинформираноста и одделните информации за позитивните ефекти на Хрватска од членството во ЕУ.
Работилниците ќе ги спроведуваат 11 екипи на обучувачи - предавачи (млади политиколози, правници и социолози или апсолвенти на наведените факултети), едуцирани од страна на ГОНГ и Министерството за надворешни работи и европски интеграции, во склоп на наставните часови по политика и економија или на некој друг час во училиштата.
На крајот на работилниците, учениците ќе добијат брошури со информации за ЕУ, како и врски за интернет-страниците посветени на ЕУ.
Проектот доби официјална препорака од Министерството за надворешни работи и европски интеграции и од Министерството за наука, образование и спорт, а финансиран е од Делегацијата на Европската комисија во РХ, од Министерството за наука, образование и спорт, како и од Амбасадата на Кралството на Норвешка.
Г.Ш.
Избор: oneworld |
|