Светски Самит за информациско опШтество - Женева
НВО за првпат на Светскиот самит на ОН
Невладините организации за првпат добија можност да учествуваат на Светскиот самит за информациско општество (ССИО) што се одржа од 10 до 12 декември 2003 во Женева. Во првата фаза од одржувањето на Самитот беа опфатени најразлични теми од информациското општество, а беше усвоена и Декларација на принципите и Акцискиот план.
Планирано е втората фаза од Самитот да се одвива во Тунис, од 16 до 18 ноември 2005. „Се досега, Обединетите нации работеа само со влади,“ рече генералниот секретар на ОН, Кофи Анан. „Но, денес ние признаваме дека мирот и напредокот не можат да се остварат без придонесот на владите, меѓународните организации, бизнис-светот и граѓанското општество... Бидејќи во денешниот свет ние сите зависиме едни од други“.
Давањето консултативен статус на НВО на Светскиот самит на ОН беше оценето како историски чекор напред во односите помеѓу ОН и секторот НВО. Заедно со претставниците на приватниот сектор и меѓународните организации, на НВО им беше дадена можност да се обратат на различните пленарни сесии и состаноци. Тие исто така беа поканети да придонесат со својата соработка во работните групи, кои беа основани за да ги разработат специфичните теми на Самитот. Покрај тоа, беше основано и биро на граѓанското општество со цел да се олесни комуникацијата помеѓу организаторите на ССИО, различните НВО и меѓународните организации вклучени во дискусиите.
Голем број владини делегации исто така имаа покането претставници од граѓанското општество како дел од нивните преговарачки тимови.
Т.Х.
|