Стратегии за одржливост на граѓанскиот сектор во Македонија
МОЖЕМЕ ЛИ БЕЗ НАДВОРЕШНО ФИНАНСИРАЊЕ
Македонските граѓански организации во моментов се зависни од странските донации. Тие малку или воопшто не прибираат средства од алтернативни извори.
Што ќе се случи со граѓанските организации ако странските донатори престанат да ги финансираат? Ова е основното прашање што се наметна на панелот што го организираше Центарот за инситуционален развој (ЦИРа).
Презентирајќи ги примерите на земјите на Југоисточна Европа но и на другите западноевропски земји гостинот од Унгарија, Даг Ратзен (Центар за непрофитно право) се осврна на некои трендови и иновации како што се: финансиската поддршка од владата, економските активности на граѓанските организации и филантропијата. “Унгарските граѓански организации, на пример,” вели Ратзен, “55% од приходите ги обезбедуваат од економските активности, 27% од владата, а 18% се резултат на филантропија”. Македонија за жал е исклучок од овие текови.
Македонските граѓански организации, според истражувањето што Институтот за трајни заедници го направило во 2002 година, во најголем дел (74%) се финансираат од грантови обезбедени од домашни или странски фондации, по 4% од приватниот сектор и од донации од индивидуалци, 8% отпаѓаат на Владата, а 10% се сопствени средства на организациите. “Факт е”, вели Зоран Стојковски од ЦИРа, “дека македонските граѓански организации слабо успеваат да мобилизираат ресурси. Дури, приватниот сектор многу повеќе се занимава со мобилизирање средства отколку граѓанскиот”, додава Стојковски.
Ставајќи го акцентот на мобилизацијата на средства, еден од воведничарите, Никол Ширак ги советуваше граѓанските организации да внимаваат на терминологијата што ја употребуваат и трпеливо да ги воведуваат граѓаните во работата на своите организации. “На мобилизацијата на средства и претходи процес на инспирирање на потенцијалните донатори, објаснување на целите на организацијата, објаснување на целите за кои се употребуваат средствата. Бидете подготвени,” вели Ширак, “ефектите нема да дојдат веднаш, некогаш се потребни и една-две години за да почнат да доаѓаат донациите, сепак тоа се случува”.
На панелот, Петар Наумоски, претставник на Генералниот секретаријат на Владата на РМ ги запозна присутните со идејата за основање одделение за работа со граѓанските организации и намерата на Владата да направи Стратегија за работа со граѓанскиот сектор. |