Практикување на дискрециските права во Република Македонија
Нејасната законска регулативе дозволува можност за манипулација
Професор Никола Тупанчевски од Правниот факултет, пак, смета дека не е спорно дека дискреционите права на носителите на јавните функции постојат во сите земји, туку колкави се тие права и какви се овластувањата на функционерите?
Со давање на дискрециските права на носителите на јавните функии на индиректен начин се потикнува корупцијата, кршењето на човековите права и злоупотреба на државниот буџет, а демократијата на ваков начин никако не може да напредува. Ова беа некои од заклучоците на панелот за практикување на дискреционите права во Република Македонија, правило или исклучок и влијанието врз развојот на демократијата, во организација на Институтот отворено општество Македонија.
Според мислењето на професорот д-р Борче Давитковски од Правниот факултет едно од битните прашања е како дискрециските права се имплементираат во реалниот живот: „Дискрециските права на носителите на јавните функции се рецидив од минатиот систем кои треба да се сведат во законски разумни мерки. Но, во нашата законска регулативе има многу нејаснотии кои оставаат простор за манипулација со дискреционите права. Така, државните службеници наместо сервис за граѓаните ги кршат човековите права на оние поради кои постојат. Пример, во Македонија се уште државниот службеник не е должен да даде објаснување зошто некому нема да му даде дозвола за носење оружје или некој нема да добие државјанство.. Законите и општите прописи се такви што административните чиновници одлучуваат според сопствената волја“, истакна Давитковски.
Правно регулативната основа на дискрециските права на носителите на јавните функции се рефлектира и во економскиот живот на земјата. „Никој не кажува како тоа во Македонија во последните четиринаесетина години се слеани 293 милиони евра за развојни програми, а ништо конкретно не е направено во областа на економијата, а не се знае ниту каде се парите. Нема континуитет во развој, само сме сведоци на вечни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Во Македонија поради партиски пресметки и дискреционите права се случуваат и вакви небулози. Се гради колектор во подрачје каде нема потребна инфраструктура, потоа се менува власта, а додека повторно ’нашите’ да дојдат на власт и да ја изградат потребната инфраструктура колекторот пропаѓа и станува неупотреблив, а парите се потрошени. и никој никому не дава отчет“, рече професор д-р Весна Стојанова.
Професор Никола Тупанчевски од Правниот факултет, пак, смета дека не е спорно дека дискрециските права на носителите на јавните функции постојат во сите земји, туку колкави се тие права и какви се овластувањата на функционерите? „ Во самите закони мора да се оперира јасно со законски и незаконски категории, а не со психолошки категории од типот „очигледно несовесно” што остава простор и на оној кој го спроведува законот да манипулира со висината на казната и проценката на кривичното дело. На тој начин и оние кои ги пишуваат законите индиректно учествуваат во манипулациите и злоупотребите на дискрециските права на функционерите”, заклучи Никола Тупанчевски.
|