Иницијатива на ЕД Еко-мисија Парк-шумата Водно пешачка зона
Како најголеми пропусти во систематското одржување на Парк-шумата Водно Еко-мисија ги сметаат слабата чуварска служба и дозволениот сообраќај во парк-шумата, како и отсуството на какви било санкции против прекршителите
Еколошкото друштво Еко-мисија од Скопје пред одржувањето на локалните избори во Македонија поведе иницијатива за прогласување на Парк-шумата Водно во пешачка зона. Иницијативата како апел за забрана на сообраќајот и авто-трките во рамките на Парк-шумата Водно беше упатена и предадена до Градот Скопје и до идниот градоначалник на Градот Скопје.
Мотивите за иницијативата Еко-мисија ги гледа и во континуираното изложување на Водно на притисок од страна на човечкиот фактор, почнувајќи од постепеното ширење на градот кон планината и стеснувањето на зоната со зачувана природа, па преку дрвокрадството и криволовот, до предизвикување шумски пожари, загадување со отпадоците што ги фрлаат посетителите, загадување со издувни гасови и бучава од автомобилите кои се движат по планината, несоодветното собирање билки, разнесување плодна почва или камен за домашните потреби на граѓаните итн.
Како најголеми пропусти во систематското одржување на Парк-шумата Водно, Еко-мисија ги наведуваат слабата чуварска служба и дозволениот сообраќај во парк-шумата, како и отсуството на какви било санкции против прекршителите.
“Пропуст на сите досегашни градски управи на Скопје е што досега не е согледана заканата што ја претставува сообраќајот за Водно и што не е направено ништо за тоа. Доблеста на оној градоначалник што ќе ја признае таа грешка и што ќе го направи историскиот потег со прогласувањето на Водно за пешачка зона ќе биде поголема. На вистинските љубители на природата им е доволно само тоа”, изјави Петар Бошевски, претседател на “Еко-мисија”.
Иницијативата на Еко-мисија ја потпишаа повеќе еколошки, планинарски и други граѓански здруженија, повеќе релевантни стручни и научни државни институции, градоначалниците на скопските општини Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба и Чаир, како и 1260 анкетирани посетители на Водно.
Д. Медароски
|