Толерантна младина
Младите се во фокусот на нивните проекти
Здружението на граѓани „Толерантна младина” е непартиска и непрофитна организација формирана во 2001 година во Дебар, со цел да придонесе кон градењето мир и стабилна демократска заедница за сите граѓани, заснована врз принципите на владеењето на правото и социјалната благосостојба, преку промовирање на вредностите на демократијата, човековите права, толеранцијата, интеркултурализмот, мирот и мирното решавање на конфликтите.
Организацијата работи во насока на развој на граѓанското општество, стимулирајќи дијалог меѓу поединци и групи со различни ставови и мислења коишто ќе најдат во овој процес заеднички интерес за изградбата на демократско и мирно општество, како и културна размена и соработка, придонес кон помирување на спротивставени групи и поединци со употреба на методи за мирно и ненасилно решавање конфликти и градење релаксирани односи во заедницата, создавање атмосфера за меѓусебно разбирање и почитување на разликите, како и отстранување на сите видови предрасуди, омраза, нетрпеливост и диксриминација врз основа на полот, верата, националноста, расата и др. Толерантна младина работи на зајакнување на капацитетот на младите, поттикнувајќи ги да ја искористат нивната креативност во зачувувањето на позитивните вредности и да земаат активно учество во градењето мир во општеството, како и во основање мрежа на граѓански организации од сличен карактер поради поефикасно дејствување во општеството.
Во текот на изминатите години организацијата има спроведено бројни активности поврзани со младите од Дебар, како што се дебатни младински емисии на радио, изложби, проекти од здравството, образованието итн. Во јануари, годинава „Толерантна младина” започна да спроведува два проекти: „Банка на идеи”, со кој се планира отворање центар за промовирање на потенцијалниот капацитет на бизнис-секторот за поттикнување на инвеститорите за развој на општината, и „Со едукација до вработување”, во чии рамки ќе се едуцираат 45 млади невработени лица на возраст од 18 до 30 години од единиците на локалната самоуправа од општините Дебар и Центар Жупа, во период од шест месеци за маркетинг-истражување и планирање, финансиско работење - книговодство, односи со јавноста итн. „Толерантна младина” соработува со поголем број организации од Македонија, од општината Дебар, како и со организации од Албанија и од Бугарија.
|
|