Белешки за авторите
Маријана Иванова е родена на 28.04.1962 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за новинарство во Скопје во 1984 година. Работела како новинар во Македонската телевизија, во редакцијата на весниците “Вечер”, “Македонија денес”, “Денес”, а соработувала и со весниците “Форум”, “Актуел”, потоа “Мрежа 21” од Велика Британија, “Евробалканс” од Грција и други. Добитник е на наградите: Новинар на годината, награда на “Вечер” за 1990 година; Зелено јаболко, награда на Движењето на екологистите на Македонија за 1992 година; наградата на фондацијата Хенри Форд за Кампањата за заштита на островот Голем Град во Преспанското Езеро за 1999 година и наградата на Ројтер за новинарство за животната средина за 2000 година. Маријана Иванова работи како координатор на Програмата за уметност и култура во Фондацијата Институт отворено општество – Македонија.
Владо Каранфиловски е роден на 9.03.1970 година во Битола. Апсоловент е на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Работел во П.П. “Махок-импорт” и Т.А. “Палас” во Битола. Бил волонтер во повеќе граѓански организации, а работел на повеќе проекти во Младинскиот културен центар од Битола.
Елеонора Стојкова е родена на 26.02.1971 година во Скопје. Магистрирала на Инситутот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје во 1999 година. Автор е на повеќе научни трудови, меѓу кои: “Кичот и младите луѓе”, “Интернет и младите луѓе”, “Американизација, глобализација, мекдонализација”, “Мекдонализација во Република Македонија” и други.
Жанета Ќосе е родена на 21.05.1966 година во Прилеп. Дипломирала на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје, а магистрирала на Европските студии за интеграција и комуникации на Филозофскиот факултет во Скопје. Жанета Ќосе работела како новинар во редакциите на “Вечер” и “Нова Македонија”. Во 1999 година е наградена со годишната награда на Нова Македонија за особени постигнувања во новинарстовото, посебно за серијата репортажи од Косово. Има објавено повеќе од 4000 текстови и голем број научни трудови. Автор е на збирката поезија за деца “Ѕвездени желби”, 1996 година. Од 1999 година е директор за односи со јавноста и маркетинг на Амбасадата на сите деца во светот.
Мишо Докмановиќ е роден на 05.07.1979 година во Загреб. Дипломира на Правниот факултет во Скопје, на групата за меѓународно право, како најдобар студент на генерацијата. Ангажиран е како демонстратор по Историја на правото, Современа историја и историја на Македонија (ЏИЏ-ЏЏ век) на Правниот факултет. Студент е на постдипломските студии по државно-правна историја на Македонија.
|