Коалиција СЕГА

Потпишан меморандум за соработка

На 13 јануари оваа година, министерот за Образование и наука на Република Македонија, Перо Стојановски и Зоран Илиески, Извршен директор на Коалиција на младински организации СЕГА, потпишаа Меморандум за соработка за проектот „Поттикнување на младинското учество во политичките процеси – едукација на Млади Гласачи“. Коaлицијата СЕГА од октомври минатата година го започна спроведувањето на проектот “Поттикнување на младинското учество во политичките процеси – ЕДУКАЦИЈА НА МЛАДИ ГЛАСАЧИ“ финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Соединетите Американски Држави (National Endowment for Democracy -NED).

Проектот ќе се спроведува во период од седум месеци и има за цел да обезбеди едукација на средношколците во средните училишта во Република Македонија за учество во изборен процес, избирачки права, изборен систем и политички субјекти. Исто така, со проектот се стреми да се подигне свеста за важноста од учество во избори кај младите гласачи од урбаните и руралните средини придонесувајќи кон зголемување на процентот на излезени гласачи на следните Локални и Претседателски Избори во 2009 година.

При потпишувањето на Меморандумот, министерот Перо Стојановски истакна дека соработката произлегува од потребата за зголемување на информираноста и негување проактивен пристап за остварување ефикасно демократско општество преку вклучување на граѓанската иницијатива.

Зоран Илиевски, Извршниот Директор на Коалицијата ја поздрави соработката со Министерството и ја информира јавноста за проектот “Поттикнување на младинското учество во политичките процеси – едукација на млади гласачи“. Имено, тој објасни дека проектот има за цел да го подобри изборниот процес во пресрет на локалните и претседателските избори во Република Македонија. Со овој проект предвидени се организирање на 155 работилници за едукација на млади во средните училишта во 13 градови во РМ, организирање на 26 форуми во руралните средини, организирање на 26 Инфо денови и музички настани. Со реализација на предвидените активности ќе се опфатат 7500 млади. На учениците, кои за прв пат ќе излезат да гласаат, ќе им бидат поделени брошури за нивните правата и начинот на гласање.

„Партнерството помеѓу владиниот и невладиниот сектор во Р Македонија ќе даде свој придонес во подобрување на изборниот процес и демократијата воопшто“, рече меѓу другото Зоран Илиевски, Извршен директор на Коалицијата СЕГА.