Отворен четвртиот форум на граѓанското општество во Македонија во Скопје

 

Форумот како можност за  поглед во иднината

  

‘’Четвртиот форум на граѓанското општество ќе биде свртен кон иднината, без непотребни ретроспективи и интроспекции на македонското општество. Форумот ќе биде насочен пред се кон прашањето како Македонија во 2005 година да стане земја кандидат за Европска Унија, затоа што сметаме дека  членството во ЕУ е иднина на нашата земја.’’

 

 Ова го истакна Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка на  денешното отворање на Четвртиот форум на граѓанското општество на Македонија во Скопје.

  ‘’Се разбира дека членството во Европска Унија не зависи само од решавањето на политичките прашања туку и од економскиот развој на земјата , а малите и средните претпријатија се и тоа како влијателен фактор за брзиот економски развој ‘’, рече на отворањето Венко Глигоров директор на ‘’Логин системи’’ кој  додаде дека Законот за работни односи мора да профункционира на релација работодавач-работник по сите основи, што значи дека и едните и другите треба да ги знаат своите права, но и своите обврски.

Денешното отворање на Форумот се поклопи и со одбележувањето на  Светскиот ден на лицата со посебни потреби на кои на овој форум им е даден посебен простор. “Не смееме да веруваме дека ние како единки  не можеме ништо да направиме. Мораме да веруваме и да се здружуваме, само така ќе успееме’’, истакна Звонко Шаревски од Здружението за лицата со посебни потреби ‘’Полио плус’’.

Инаку, Четвртиот форум на граѓанското општество на Македонија   што се одржува во халите на Скопскиот саем е составен од изложбениот дел на кој ќе се претстават 243 организации од регионот и пошироко, на форумскиот дел пак, ќе бидат организирани триесет панели, а тука се и многубројните социо-културни настани.

Форумот ќе трае до петти декември.