ОД 20 ДО 22 НОЕМВРИ НА СКОПСКИ САЕМ

3 НВО Саем – форум на граѓанското општество во Македонија

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Институтот за трајни заедници (ИТЗ) НВО, од 20 до 22 ноември, на просторот на Скопски саем, традиционално го организираат 3 НВО Саем – форум на граѓанското општество во Македонија. Трите главни компоненти на Третиот Форум на граѓанското општество се форумските активности, изложбените активности и социо-културните настани.

Во рамките на форумскиот дел планирани се голем број отворени јавни дебати, панел-дискусии и тркалези маси, на кои во зависност од покажаниот интерес на граѓанските организации, ќе бидат третирани повеќе прашања кои го засегаат НВО-секторот, но и пошироко, македонската јавност. Носечки теми на Форумот се: “Како до мобилизација на граѓанското општество”, “Вистините и заблудите за граѓанскиот сектор”, “Како до стратегија за дијалог и соработка меѓу државата и граѓанскиот сектор?” и “Промени во Законот за здруженија на граѓани и фондации – Организација од јавна полза”. 
Исто така, е предвиден изложбен дел за презентирање на активностите на граѓанските организации преку штандови, постер паноа, аудио-видео презентации на организациите, нивните проекти и програми. Во изложбениот дел на штандови ќе се претстават околу 200 организации. Покрај презентација на штандови, 15 граѓански организации ќе ги презентираат своите активности преку изложба на постер-паноа. Организациите ќе имаат можност да подготват и аудио-видео презентации за својата организација или пак презентации на свои програми или проекти. Во рамките на изложбениот дел е предвиден и простор за презентација на субјекти од деловниот сектор кои активно соработуваат со граѓанските организации, како што се банки, интернет провајдери и слични организации.
За време на НВО Саемот ќе бидат организирани и бројни социо-културни настани, базирани врз креативноста на граѓанските организации, главно, промовирајќи го културното  наследство и неговите вредности.