Одбележана Меѓународната недела на сиромаштијата
Во Македонија една третина од населението е на работ на преживувањето
Меѓународната недела на сиромаштијата во Македонија, во октомври, беше одбележана со седумдневен карван низ неколку општини. Секој ден од неделата, во различна општина, беше посветуван на по една од осумте Милениумски развојни цели: на коишто се обврзаа земјите членки на Обединетите нации, за искоренување на сиромаштијата, преполовување на ширењето на сидата и создавање елементарни услови за живот за секого. Карванот се одвиваше под мотото “Помислете и на нас”, во организација на Црвениот крст на Македонија, а активностите ги организираа општинските организации. Целта на кампањата беше подигање на јавната свест за проблемите на сиромаштијата, како и изнаоѓање фондови за помош на социјално загрозените семејства.
Во рамките на одбележувањето на неделата, беше организирано и собирање средства преку вредносни бонови од 20 денари коишто беа дистрибуирани преку училиштата, фирмите, маркетите и компаниите. Во училиштата беа организирани и предавања, а во секоја од посетените општини беа отворени и пунктови за прибирање храна којашто потоа им беше донирана на социјалните случаи.
Според презентираните светски податоци, околу 800 милиони луѓе се гладни, а во Македонија таа бројка достигнува до 600.000 или една третина од вкупното население. Само за 4 години, бројот на сиромашните се зголемил за 120.000 луѓе, а најголемиот број од нив живеат под границата на сиромаштијата од 2 долари на ден. Најсиромашни се младите, необразованите, жителите на руралните делови и некои од малцинствата, како Ромите.
С.Н.
|