Светски социјален форум, 2004, Мумбаи (Бомбај), Индија, 16 - 21 јануари 2004 година

Поинаков свет е возможен

Светскиот социјален форум 2004 година во Мумбаи (Бомбај), Индија, по четврти пат собра голем број организации и движења на граѓанското општество, по претходните три одржани во Порто Алегре, Бразил.

Светскиот социјален форум е дијалог за формулација на поинаков свет: плу­рален, праведен, одговорен и спо­делен свет со еднакво достоинство и права за сите луѓе. Како таков, ССФ е во опозиција на неолибералните економски политики. Светскиот социјален форум ја декларира убеденоста дека “поинаков свет е возможен”.

 Алтернативите коишто се предлагаат на ССФ стојат во опозиција на процесот на глобализација под команда на големите мултинационални корпорации и на владите и меѓу­народ­ните институции подредени на овие корпорациски интереси. Алтернативите треба да обезбедат мислење дека “гло­бализација на солидарноста” ќе надвла­дее како нов период од светската историја. Тоа беше засновано на почи­тување на човековите права и на сите граѓани - мажи и жени, на сите нации и на околината.

Светскиот социјален форум обезбедува отворен простор за стотици дебати, семинари, работилници. Само мал број активности се во организација на ССФ, како отворањето и затворањето и глав­ните утрински и вечерни конференции. Голем простор е отстапен за само­организирани ра­бо­тил­ници на ор­га­низациите учес­нички. Оваа го­дина, секој ден се одржувше еден го­­лем јавен нас­тан, 12 кон­ферен­ции и панели и 300 работилници. Во овие настани учествуваат де­сетици илјади учес­­ници и делегати. Проценките се дека оваа годи­на учествуваа над 75.000 учесници. Статистиките од овој форум се уште не се достапни, за разлика од оние прет­ходните коишто се дадени во прилог.

Оваа година највидливи беа различните женски групи, како и разните леви­чарски групи, вклучувајќи и екстремни групи и марксисти. Значително е вли­јанието на христијанските движења и агенции, како левите католички дви­жења од Јужна Америка или про­тес­танските групи за солидарност од Евро­па. Иако антиимперијалистичките нас­тапи на моменти добиваа отворен анти­американски тон, Форумот е поддржан од организации од САД, а учесниците од САД  се меѓу најпрестижните.

Македонија на ССФ заедно со мене и Александар Стамболиев од МЦМС ја претставуваа и Јасмина Фриншиќ од ЕСЕ, Скопје, Алберт Муслиу од АДИ, Гостивар,     На Форум учествував по втор пат.  

Во неколкуте дена се одржаа над илјада настани. Главниот фокус беше ставен на негативното влијание на неолибералната глобализација, којашто создава мала глобална владејачка класа и голема класа на ранливи и сиромашни во секоја земја. Некои од мегатемите беа “Гло­бализација, глобално владеење и нацио­наланите држави”, “Медиумите, кул­турата и знаењата”, “Политичките партии и социјалните движења” и други. Меѓу големиот број настани, можеа да се најдат значителен број посветени на трговијата. Значителен е отпорот на начинот на кој се прави трговската либерализација од стра­на на Светската трговска органзиација (СТО), или како се распоредува до­бивката во меѓу­народ­ната трговија. Некои од темите беа “Земјо­дели­ето по Канкун”, “Канкун и потоа”, “Искуства во организација на текстил­ните работници” или “Жи­­­вотот не е за про­дажба”. Тука посебно би ги нагласил и темите поврзани со употреба на водата, односно можната приватизација “Водата на испит”, “Водата, заедничко наследство или корпорациска стока” или “Алтер­нативите на приватизацијата на водата - управување на водите од луѓето”. Беше расправано и за “еколошкиот долг” како нова категорија.

Голем број теми беа поврзани со чове­ковите права. Посебно внимание прив­лече работилницата “Надминување на неказнивоста (анг. импјунити)”. Врвни говорници, како Мери Робинсон, пора­нешна претседателка на Ирска и по­ранешен висок комесар на ОН за чове­кови права, Ширин Ебади, овогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир од Иран и други, говореа за над­минување на неказнивоста или неодго­ворноста. Се водеше дијалог за државата како најголем кршач на човековите права и неказнивоста или неодговорноста, како еден од битните проблеми.

Секако, кај темите за човекови права доминираше проблемот на кастите во Индија, односно на дискриминацијата на Далитите. Оваа дискриминација не е на верска или етничка основа. Некои по жестината ја споредуваат со политиката на апартхејд во Јужна Африка.

Навистина е тешко покрај стотиците теми да се одберат најважните. Многу настани имаше на тема “справување со кон­фликт”, “промоција на мир”. Многу критики паднаа на унилатерализамот на САД и на воените интервенции. Зна­чителен простор имаа женските дви­жења, родовата еднаквост и сексуална различност. И многу други.

Дијалогот на ССФ се одвиваше и преку културни настани; изложбени штандови, презентации на групи. На осум локации постојано се одвиваа културни настани, во повеќе хали имаше изложбени штан­дови.

Заедно со мирисите и вку­совите на Мумбаи (Бомбај) и Индија, Светскиот социјален форум е вистински промотор на раз­лич­носта и плурализмот, на алтернативите за поинаков свет. 


Организација и партнери (поддржувачи) на ССФ

Организатор на ССФ е Меѓународниот комитет и локалниот организациски комитет (оваа година Индискиот генерален совет го сочинуваа над 200 организации и орга­низациски комитет од 57 луѓе).

Партнери (поддржувачи) на ССФ се:

- повеќе познати невладини агенции, како ЕЕД и Фондацијата Хенрих Бол (Германија), ИЦЦО и Новиб (Холандија), Фондацијата Тидес (САД), ЦАИД и Оксфам (В. Британија);
- индиски владини институции, пред се Владата на Индија и Владата на Махараштра, странски владини агенции, како СИДА (Шведска) и СДЦ (Швајцарија);
- доброволни групи, како Бабел - меѓу­народна мрежа на преведувачи и Фон­дацијата Слободен софвтер.


Што е Светскиот социјален форум

Светскиот социјален форум е отворен простор за средби за размислување, демократска дебата на идеи, формулација на предлози, слободно споделување искуства и вмрежување за ефективна акција на групи и движења од цивилното општество, коишто се спротивставуваат на неолибарализмот и  на светот доминиран од пари и која било форма на империјализам. Тие се посветени на градење планетарно општество насочено кон плодотворни односи меѓу луѓето, и меѓу нив и Земјата.

ССФ е перманентен процес во потрагата и градењето алтернативи коишто не можат да се редуцираат на настаните што ги поддржуваат. ССФ е светски процес.

ССФ ги доведува заедно, и меѓусебно ги поврзува организациите и движењата на цивилното општество од сите земји на светот, но нема намера да биде тело коешто го претставува светското цивилно општество.

Средбите на ССФ не се средби на ССФ како тело и затоа никој нема право да изразува ставови, тврдејки дека се ставови на сите учесници. Ставовите декларирани од една група или група на организации, ССФ без цензура и рестрикција ќе ги дистрибуира како ставови на таа или на тие организации.
 

ССФ во опозиција на СЕФ

Светскиот социјален форум (ССФ) за првпат се собира во градот Порто Алегре, федерална единица Рио Гранде до Сул во Бразил, од 25 до 30 јануари 2001 година. Целта е да се застане во опозиција на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија. Од 1971 година, Светскиот економски форум игра стратешка улога во формулација на идеи и мисли коишто ги промовираат и застапуваат неолибералните политики во целиот свет. Организациски, СЕФ е швајцарска фондација која функционира како советодавно тело на ООН и е финансирана од повеќе од 1.000 мултинационални корпорации.
 

Методологија на ССФ

ССФ работи на пет тематски подрачја, и тоа:

- Демократски одржлив развој;
- Принципи и вредности, чове­кови права, различност и ед­наквост;
- Медија, култура и против­хеге­монија;
- Политичка сила, граѓанско општество и демократија;
- Демократски светски ред, борба против милитаризација и промоција на мир.

ССФ вклучува: конференции, панел-дебати, сведоштва, дијалог и тркалезни маси за контроверзни прашања, семинари, работил­ници.

Се одржуваат и тематски и регионални форуми (како Европскиот социјален форум којшто во ноември 2003 година се одржа во Париз).
 

ССФ низ статистики

                                       Прв ССФ 2001 г.    Втор ССФ 2002 г.    Трет ССФ 2003 г.

Учесници (приб.)                  20.000                       50.000                   125.000

Делегати                                4.702                        12.274                     20.763      

Организации учеснички           -                              4.909                        5.717            

Држави                                      117                             123                           156

Новинари                                1.870                          3.565                       4.094            

Дебати, работил. и сл.            420                              745                              -