НВО ФРОНТ 21/42
Зелен фронт зо борба против тероризмот врз планетата Земја
Ние не ја наследицвме ЗЕМЈАТА од нашите родители туку ја позајмуваме од нашите деца
“ Координатите 21/42 се планетарната адреса на Скопје - вкрстување на напоредник и меридијан. Оттаму, Фронт 21/42 е иницијатива за отворање зелен фронт на оваа адреса во борба против тероризмот на човековата раса против планетата Земја. Тоа е отворен повик до сите разбудени да создадат фронтови на своите планетарни адреси” - вака накусо гласи преставувањето на Фронт 21/42, граѓанска организација којашто постои од јануари 2005 година, како реализација на една спонтана идеја на група пријатели со заеднички интереси, во обид да се сменат работите и нештата што не им се допаѓаат. “Нив ги има многу”, ни спомена Искра Стојковска, претседател на ГО Фронт 21/42, но како главни непријатели се сметаат принципот на потрошувачкото општество, “земаш од природата, употребуваш и фрлаш”; немањето основна свест дека припаѓаме на еден огромен систем во којшто секој влијае на с$; немањето почит кон тој систем, односно егоцентричноста на човековата раса и создавање мини депонии на секој чекор.
Методите на борба на оваа граѓанска организација се базирани врз принципот “3Р”, односно редуцирај, рециклирај и реупотреби. По тој принцип е реализиран проектот Круг, проект за одржлив развој составен од повеќе сегменти. Во сегментот Ревизија годинава се одржани три предавања за принципите на 3Р во современата архитектура и современиот дизајн во соработка со Елизабета Аврамовска, професор по пластично обликување на Архитектонскиот факултет во Скопје. Предавањата се проследени со голем интерес кај студентите и по конкурсот за практична примена на тема “Светлосни тела”, во соработка со Прохелвеција, беа изложени 30 предмети во галеријата Прес ту егзит. Веќе е упатена покана до Фронт 21/42 предавањата и конкурсот да се одржуваат секоја година, со намера Круг да прерасне во тим на креативни луѓе кои ќе создаваат уметнички дела на принципите 3Р, односно ќе создаваат уметнички дела од “ѓубре”. Тимот ќе биде од отворен карактер и секој што е заинтересиран ќе може да се зачлени. По повод Денот на планетата Земја, на 22 април 2005 Фронт 21/42 спроведе кампања против пластичните ќеси за една употреба со промоција на платнени торби за повеќекратна употреба со наслов “Јас сум против најлонски кеси”, реализирана низ супермаркетите во Скопје во соработка со меѓународните училишта НОВА.
“Одржлив развој - одржлива економија” е проект којшто Фронт 21/42 го организираше на покана на Американската стопанска комора во Американското катче во Скопје, кој содржеше и предавања на тема “Разлики меѓу регуларната и одржливата економија”, проекција на филмот “Следната индустриска револуција” и дискусија. Во обид да го откриеме личниот поттик за формирање ГО, Искра Стојковска ни одговори дека негрижата е таа којашто води кон влошување на природната средина, а за да се спречат последиците, не се потребни пари, туку усогласување. Затоа организирањето во граѓански здруженија овозможува поединецот да стане фактор во општеството, да изврши влијание или да се обиде да промени нешто во него.
|