Проект на Проактива
Да се користи велосипед наместо автомобил
Здружението на граѓаните Проактива од Скопје, во соработка со Здружението на урбанистите од Србија започна со реализација на проектот “Интегрален пристап за разрешување на сообраќајните проблеми од одржлив аспект”. Проектот е поддржан од Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) преку фонд обезбеден од Канцеларијата за европска помош за соработка при Европската комисија. Во Македонија овој проект се реализира и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Градот Скопје и ЈСП - Скопје. Целта на преземените активности е да се влијае во надминувањето на проблемите предизвикани од зголемениот интензитет на сообраќајот во Скопје и во Белград. Проектот започна со проценка на степенот на информираност на граѓаните за можните последици од зголеменото количество на издувни гасови од автомобилите, како и нивната желба за користење на поодржливи начини на транспорт. Во анкетите граѓаните беа прашани за нивните навики да користат автобус наместо автомобил и предностите за заштитата на животната средина во тој случај. Во овој дел од проектот беше спроведена и првата кампања “Јакнење на јавната свест за последиците предизвикани од издувните гасови на автомобилите”. Граѓаните беа информирани за негативните последиците кои ги предизвикуваат издувните гасови од автомобилите и за предноста да се користи масовниот превоз на патници.
“Земајќи ги предвид резултатите кои ги добивме при неодамнешната анализа, 71% од граѓаните се изјасниле дека не го знаат интервалот на движење на автобусите на ЈСП. Од друга страна, 44 % од испитаниците се изјасниле дека за да користат почесто јавен транспорт најважно им е да бидат информирани за времето кога одреден автобус пристигнува на автобуската постојка. Затоа, во рамките на втората кампања ‘Користи јавен транспорт’, подготвивме 30.000 џебни возни редови на автобусите на ЈСП на кои е претставено точното време кога автобусите тргнуваат од почетните и крајните станици. Преку оваа активност имаме за цел поретко и порационално користење на автомобилите на сметка на јавниот транспорт”, вели Александра Димова, лидер на проектот.
Во план е и подготовка на мапа на која ќе бидат претставени велосипедските линии во градот. Со неа граѓаните ќе бидат информирани за тоа каде можат безбедно да се движат со своите велосипеди. Од друга страна, со поинтензивна употреба на велосипедите, меѓу другото, ќе се влијае и врз намалување на емисијата на штетни гасови од автомобилите. Во Скопје, од неодамна, постои велосипедска патека покрај кејот на Вардар која поврзува десетина населби. Велосипедската патека е изолирана од секојдневната сообраќајна мрежа, нуди голема безбедност за велосипедистите, како и возење во еколошки услови, подалеку од издувните гасови. Исто така, во градот, во последните години постои тренд при изградбата на важни сообраќајници или мостови задолжително во проектите да се предвидат и велосипедски патеки. За љубителите на алтернативниот превоз има с$ повеќе простор, само тие треба да дознат каде се и како се поврзани постоечките велосипедски патеки. “Земајќи го предвид фактот дека дел од граѓаните не сакат да се откажат од своите автомобили, нашата трета кампања ја насловивме како ’Вози ги соседите, вози ги колегите’. На овој начин сакаме да го промовираме системот ‘Дели го автомобилот’ кој во земјите со развиена јавна свест веќе подолго време функционира”, истакнува Димова. Покрај овие три кампањи, во рамките на овој проект Проактива ќе организира предавање на тема “Одржлив пристап во урбаното планирање - подобро место за живеење”.
С.Н.
|