НАСТАНИ
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ПРИКАЗНИ ДАЛЕКУ ОД ДОМА
Куферот на Енвер
"Прави добро и ќе ти се врати добро", велат постарите луѓе. Ваквите мисли им се вртат во главата и на 99-те нови жители на детското одморалиште во Чичино Село, сите од селото Радуша, скопско. Не беше доволно што на своите раменици износија две бегалски кризи, што низ нивните домови поминаа неколку илјади бегалци од Босна и Херцеговина, а потоа и од Косово, туку бегалската судбина мораше и нив да ги снајде.
Селото Радуша се наоѓа триесетина километри северозападно од Скопје, во Дервентската (Жеденската) клисура на реката Вардар, а на само 2 км од границата со Косово, СР Југославија. МЦМС во Радуша го водеше бегалскиот камп за време на косовската криза, а по тоа ја поддржа изградбата на пречистителна станица за централната канилазација со поддршка на DW од Германија. Сега жителите на Радуша се раселени. Дел од нив и во Чичино Село, поранешно детско одмаралиште кое сега е колективен центар за прифат на раселени лица од Радуша, за кој ACT и МЦМС обезбедија хуманитарна помош. Ви претставуваме неколку лични искажувања на луѓето сместени тука, приказни далеку од домот...
Домаќините сега се бегалци
Една помала група луѓе седнати на скалите се одмараат под сенката на бараката, засолнети од попладневното сонце. "Добре дојдовте", велат тие, препознавајќи дека сме дојдени поради нив. Ние им возвраќаме и веднаш љубопитно почнуваме да ги прашуваме за нивните први денови во детското одмаралиште, кое заличува на мал "рај", каде тивко се слуша шумењето на реката Вардар која поминува покрај нивниот сегашен "дом". "Тука е си во ред", вели Ибрахим, еден од новите жители сместени тука. "Си се случи многу брзо. Немавме време да ги земеме ни потребните алишта. Моето семејство дојде во Скопје уште пред неколку дена, но јас морав да се грижам за добитокот. Имавме страв за децата". "Јас не се враќам таму", прозборе едно дванаесетгодишно девојче со убави големи сини очи. "Целиот добиток ни остана таму, во селото има околу 800 овци и 500 крави, сега таму нема кој да се грижи за тие", се надоврза Мурат, кој испуштајќи го чадот од цигарата заличува дека е загрижен. "Цел ден тука седиме, но со мислите сме таму". Жителите на Радуша, кое брои околу 500 куќи, повеќето се отидени на печалба, бидејќи откако се затвори рудникот во 1993 година, многумина останаа без работа. Тие што останаа, кој имаше земја ја обработуваше, додека другите се социјални случаи. Мурат е еден од оние кои живее од социјална помош. "Еве, види ја потврдата", ми вели Мурат. "Живеам од 1500 денари социјална помош, што можам да купам со нив?". "Не ни помислував некогаш дека и ние ќе станеме бегалци", повторно прозборе Ибрахим, кој изгледа беше најстариот меѓу нив. "Кај нас пред неколку години беа бегалците од Босна, им помагавме колку што можевме. Исто така, пред две години во нашето село беа дојдени Косовците, како оваа горка судбина да не следи и нас. Со бегалците од Босна, а и со Ромите никогаш немавме проблеми, си живеевме сложно". Како што ни раскажа едно младо момче и тука во одмаралиштето се сложни меѓу себе, имаат исти маки, избегани само со тоа што го имале на себе, немаат доволно лекови, а дури и постелнината би им била добредојдена.
Македонците ми се мевлем...
Во 1994 година владата на германската провинција Северна Рајна Вестфалија изгради населба во Радуша од триесетина куќи со шеесет стана за сместување на бегалците од Босна и Херцеговина. Тука се сместија околу петстотини бегалци од Босна и Херцеговина. Најголемиот дел од нив веќе се вратија во своите домови во Босна. Но некои македонската криза ги затекна во Радуша. И тие сега се сместени во Чичино Село. Не упатија кај Енвер. Бевме подготвени и на одбивање, верувавме дека е тешко да се разговара за тоа како е да се биде двапати бегалец, сепак, се изненадивме кога наидовме на ширум отворена врата и срце. Енвер Мујдиновиќ има нешто повеќе од седумдесет години, здравјето не го служи баш најдобро, иако тој не се жали, вели "благодарение на добрите луѓе, сега и јас сум добро". Собата на чичко Енвер има еден кревет на кој тој спие, а на другиот, без душек, е сместен неговиот имот. Вели, едвај ги нашле неговите работи во еден магацин во Маџари. За да ја започне својата приказна, тој го отвора своето куферче. Внатре како да е сместен целиот негов живот. Од босанската војна Енвер Мујдиновиќ побегнал во Србија, негова желба била да дојде во Македонија. "Му реков на мојот пријател дека ќе одам во Македонија затоа што ми треба еден мевлем за да се излекувам. Тој ме убедуваше дека тоа може да се најде и во Србија, дека неговата жена лекар ќе среди си што му треба. Морав да му објаснам дека тој мелем за душа не е обичен мевлем, тоа се два милиони луѓе кои единствено можат да ми помогнат", ме разбирате ли деца што сакам да ви кажам, ни се обраќа чичко Енвер. "И сега, на тој мој народ, на таа моја земја и се случува ова, не заслужила таа ни сите што живеат во неа вакво нешто." По доаѓањето во Македонија Енвер Мујдиновиќ бил сместен во Гевгелија кај неговиот пријател Томчо Ѓоргов. Од куферчето го вади картончето со кое е регистриран кога влегол во Македонија. Успеал да најде работа. Глигор Камбов го вработил во магацинот на кванташкиот пазар во Скопје, да му бидат мислите подалеку, полесно да ја надмине кризата. Таму останал седум години. Во куферчето се и фотографиите што ни ги покажува. Потоа бил во Катланово, а оттаму во кампот за бегалци во Радуша. "Јас не се чувствувам како бегалец. И кога дојдов првпат во Македонија во 1992 година со една кошула на себе, со едни панталони и без кондури, не се чувствував како бегалец. На границата ме прашаа колку ќе ми гарантира домаќинот да останам кај него, а тој рече "доживотно", затоа јас се чувствувам како член на семејството, затоа оваа земја ја чувствувам како своја и народот како свој народ." Неодамна нарушеното здравјето уште еднаш го потсетило на поговорката "Во несреќа – среќа". Енвер само го потврдил своето уверување во добрината на луѓето, на сите оние кои му излегле во пресрет додека се лекувал, на сите што му помогнале повторно да застане на нозе. Косовската бегалска криза го затекнала во кампот во Радуша. "Кутри луѓе", вели Енвер, "и тие дојдоа со по една кошула на себе." Си што му останало од хуманитарната помош што ја добивал, Енвер им дал на луѓето што се грижеле за бегалците од Косово. Бегалецот се грижел за бегалците, времето е друго и приликите не се исти, но нивните бегалски судбини се исти. И сега повторно. Надвор од она што веќе започнал да го доживува како свој дом. Нов почеток е ова или продолжување на бегалството започнато пред девет години? Вестите на радиото беа лајтмотивот на нашата посета на чичко Енвер. Случувањата на теренот тој ги знае од претходните вести, од вечерните, од утринските. Радиото, неговиот мил спомен од еден пријател од Сараево, не се гаси. Навечер, кога сонот тешко доаѓа во очите, се вртат старите филмови на некои подобри времиња што поминале. Ја напуштаме малата соба, новиот дом на Енвер Мујдиновиќ. Му посакуваме добро здравје. "Бидете добри деца", ни вели, "бидете искрени и човечни, бидете онакви какви што знам дека се луѓето во Македонија."
Гонце Јаковлеска
|