Проекти на ЦИУ “Мултимедија”
Активно граѓанство и партиципативна културна политика
Центарот за изведувачки уметности „Мултимедија”, во рамките на своите програмски активности, во текот на февруари ја реализира третата работилница од проектот „Локални културни политики во РМ - Стратегии за културен развој”, како и регионалната дебата на темата „Жените и употребата на информациско-комуникативната технологија”.
Главната цел на проектот е дефинирање ефикасен систем на механизми во областа на културата кој би водел кон систематски културен развој на општините. Во проектот се вклучени општините Пробиштип, Струмица, Неготино, Дебар и Ресен. Третата работилница на темата „Активно граѓанство и партиципативна културна политика”, која се одржа од 18 до 20 февруари 2008 година во Неготино, беше наменета за претставниците на локалната администрација кои работат на полето на културата, претставниците од локалните културни институции и претставниците од локалните невладини организации.
Регионалната дебата на темата „Жените и употребата на информациско-комуникативната технологија (ИКТ)” се одржа на 22 февруари во Културниот центар „Точка”. Препознавајќи ја потребата од стекнување нови знаења и развивање на способностите за употреба на технологијата како предизвик за женската популација во информатичкото општество, „Мултимедија” ја организира дебатата со цел да се стекне увид во актуелните состојби на ова поле во нашиот регион.
За предизвиците со кои се соочуваат во Хрватска во однос на рамноправниот пристап кон ИКТ, Ѓурѓа Кнежевиќ, публицист, изјави дека се важни две работи. Пред се, тоа е политичката волја на претставниците на власта за вистинска, а не само за декларативна родова еднаквост, и втората работа е масовната едукацијата на општеството за ИКТ. Во дебатата учествуваа и Јорданка Петрушевска, веб-администратор и обучувач, и Ивана Драгшиќ, уметничка на нови медиуми.
Т.Д.
|
|