Регионална конференција за соработка на Владите со граѓанскиот сектор
Невладините организации бараат поголемо учество во креирањето на јавните политики
Поголемо влијание на невладините организации во креирањето на јавните политики е пораката која беше испратена од регионалната конференција „Соработка на владините тела со граѓанскиот сектор“, која ја организираше Одделението за соработка со невладини организации на македонската Влада со финансиска поддршка на Институтот отворено општество „Македонија“ и МЦМС. На конференцијата учествуваа и претставници на владини тела за соработка со граѓанскиот сектор од Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора и од Албанија.

Учесниците на конференцијата се согласија дека партнерството на цивилниот сектор со владините тела е посебно важен за развој на фундаменталните демократски вредности на секоја земја.
Генералниот секретар на Владата, Стојан Тодоров на конференцијата истакна дека целта на Владата е да воспостави цврста и коректна соработка со граѓанскиот сектор. Тој рече дека годинава од државната каса се издвоени 15 милиони денари за финснирање на невладините организации, но не ја исклучи можноста за корекција на сумата доколку се утврди потреба од тоа. Според Сузана Никодијевиќ-Филиповска, раководител на владиното Одделение за соработка со цивилниот сектор, еден од приоритетите е да се подобрат капацитетите на граѓанските асоцијации посебно во руралните средини. Таа нагласи дека треба да се спроведува рамката за финансирање на граѓанските организации од државниот Буџет со средствата на лотаријата и на некои други постоечки менахизми, истакна Никодијевиќ-Филиповска.
Според претставниците од невладините организации најголем напредок во соработката со Владата е направен во делот на законите и даночните олеснувања. Нивна препорака е средствата собрани од лотариите што повеќе да се користат за поддршка на проекти од социјално-хуманитарен карактер.
|