коментар

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!

Започна новогодишната еуфорија. Полека но сигур­но им се предаваме на новогодишните желби, честитки, планови за слободните празнични дено­ви...

Сепак, во месецот кога се подготвуваме да ја до­чекаме новата година и за која секогаш се на­деваме дека ќе биде подобра од претходната во­обичаено е да направиме рекапитулација. Време е за поглед назад.

Што направивме во 2004 година? Скептиците би кажале, “не многу”, а оние другите сигурно би рек­ле дека сме направиле “многу”. Вистината, како и секогаш е некаде помеѓу.

Кога ќе го оценуваме она што сме го направиле многу е важно да бидеме искрени. Да ги погледнеме резултатите, да ги видиме разликите меѓу она што сме го испланирале и она што навистина се слу­чило. Нашата искреност можеби е најдобро да ја тестираме така што ќе ги прашаме нашите корис­ници, што мислат за она што сме го направиле.

Погледот назад секако треба да биде во функција на погледот напред. Сумирањето на резултатите треба да ни помогне да ги направиме нашите планови за следната година. Не било какви туку многу пореални, планови што ќе ги одразат нашите можности кои ќе ги ставиме во функција на потребите на нашите корисници.

И сега уште неколку зборови за најголемиот настан во декември, НВО Саемот – 4 Форум на граѓанското општество. На Скопскиот саем дојдоа 244 граѓански организации да покажат што направиле и да разговараат за тоа што ќе го направат. Речиси 10.000 посетители дојдоа да го видат тоа што го направиле граѓанските организации. Сето тоа НВО Саемот го прави наголем настан во граѓанското општество годинава. И не само тоа. Зголемувањето на интересот на учесниците и на посетителите не само за изложбениот дел туку и за форумскиот дел претпоставува дека сите ние се повеќе и повеќе го користиме овој отворен форум за да поразговараме, да се консултираме, да дознаеме нешто ново, да го потврдиме тоа што сме го знаеле.

Дали ќе ни се исполнат желбите што ќе ги замис­лиме во новогодишната ноќ не зависи од Дедо Мраз туку од нас. За новите предизвици ќе ни треба нова енергија, затоа во деновите на одмор и празници опуштете се и одморете се, наполнете ги “бате­риите”, а потоа, е потоа се надевам полесно ќе ги ре­шиме сите отворени прашања и проблеми.

Среќна Нова 2005 година!

 

Гонце Јаковлеска