Успешен проект на ромската „Черења” од Штип
Свидетелства за завршено основно образование за 35 Ромки
„Жените, образованието и човековите права” е проектот на „Черења” преку кој се спроведоа активностите за стекнување основно образование на жени Ромки
На 25 мај, годинава, Здружението на Ромите „Черења” од Штип, во х. Оаза во Штип, свечено им додели свидетелства на 35 жени Ромки за завршено основно образование.
Свидетелствата за жените Ромки се дел од активностите на проектот на Здружението на Ромите „Черења” од Штип „Жените, образованието и човековите права”, кој се спроведе во периодот од јуни 2003 до мај 2004 г., а којшто беше финансиски помогнат од УСАИД, преку Институтот за трајни заедници (ИТЗ).
Периодот на спроведувањето на проектот опфати повеќе активности, како 9-месечен курс за описменување на жените Ромки, три работилници на темата „Човековите права и родовата рамнотежа” и 4 трибини на темата „Женски човекови права”.
„Започнавме со 60 Ромки од ромската заедница во Штип, на возраст од 14 до 36 години, ги поделивме на три еднакви групи и обезбедувавме настава два пати неделно во нашите простории. Резултатите по завршувањето на проектот се 35-те жени Ромки со стекнати свидетелства за завршено основно образование. Но, нема да застанеме тука. Веќе остваруваме и бараме нови контакти со организации кои финансиски би го помогнале продолжувањето на проектот”, изјави Енисе Демирова, претседателка на Здружението на Ромите „Черења” од Штип.
Д.М.
|