Граѓанскиот сектор за Претседателот Борис Трајковски
Вистински алтруист и миротворец
Целата организациска структура и сите волонтери на Хуманитарната организација „Ел хилал“ длабоко се трогнати по трагичното загинување на претседателот Борис Трајковски. Изгубивме еден голем хуманист, шеф на државата кој на оваа висока функција доаѓа како докажан активист во граѓанскиот сектор, човек со племенити особини, мудар, одмерен, скромен, реалист, особини својствени на еден граѓанин на една мултикултурна и мулти-конфесионална држава. Во таква Македонија, претседателот се залагаше сите граѓани да ги почитуваат благодетите на универзалните вредности, со кои беше убеден дека може да се зајакне демократијата и да се создадат услови за мир и благосостојба. Тој даде голем придонес за развојот на граѓанското општество, со безрезервно поддржување на граѓанските акции. Ја знаеше вредноста на невладините организацији и нивната улога во будењето на граѓанската свест и достоинство. Неговата поддршка за етаблирање на НВО во одлучувачките процеси во државата никогаш не изостана. Претседателот Трајковски занаеше дека унапредувањето на мировниот процес, според демократските принципи и прифатените меѓународни стандарди, зависи од неминовното масовно вклучување на сите граѓани во нив. На последниот саем на НВО одржан во Скопје, посетувајки ги штандовите, Претседателот се задржа и на штандот на ХО „Ел хилал“, разговарајќи непосредно со активистите, покажувајќи интерес за работата и активностите на организацијата. Неговите стимулативни и инспиративни зборови за одржување на виталноста на граѓанските активности ќе останат во долго сеќавање кај активистите на Ел хилал, кои покојниот претседател ќе го паметат како вистински алтруист и миротворец.
Хуманитарна организација „Ел хилал“
Почитувач на правата на секој човек
Претседателот Борис Трајковски имаше голем придонес во развојот и јакнењето на граѓанскиот сектор, особено со своето разбирање за важноста и неопходната соработка со невладините организации. Познато е дека тој беше покровител на НВО Саемот.
Претседателот Трајковски беше почитувач на правата на секој човек, како и на женските права, како човекови права.
Активностите на Сојузот на организациите на жените на Македонија претседателот ги знаеше и следеше, но ќе издвоиме еден момент. Во 2001 година, кога државата минуваше низ тешка криза, на негово барање се сретнавме за да го споделиме искуството и знаењето од СОЖМ како активистки на мирот, и тоа на некој начин му помогна во дејствувањето за разрешување на состојбите во државата.
Тој знаеше дека во нас има поддржувачи на мирот и праведноста.
Смртта на претседателот Борис Трајковски е голема загуба, пред се за неговото семејство, но и за граѓанскиот сектор кој за него беше многу важен дел од општеството. Тој и самиот беше дел од него.
Сојуз на организациите на жените на Република Македонија
Долг (Колку е – толку е – токму е)
Како претставник на една мала организација, која обединува мали луѓе што се борат за „безначајни“ работи, имам еден ГОЛЕМ долг кон човекот Борис Трајковски. Долгот не се состои во она што прво ни паѓа на памет при споменувањето на тој збор. Вистинскиот долг е во неверојатната количина ВЕРБА со која не дарува и во исто време не задолжи тој човек.
Деновиве добив еден куп прашања во стилот „Што тоа направи Борис за Вас?“ И постојано како одговор ми доаѓа на памет парафразата на една поема од Гане Тодоровски која може да биде и цел заклучок сам за себе. Но сепак:
Сето она што претседателот Борис Трајковски го направил за хендикепираните би можело да се гледа и од перспектива на вршење на редовни претседателски обврски. Но дали таа флоскула опфаќа се?
Откажувањето на важен состанок за да може да ги погледа фотографиите на изложбата на тема „хендикеп“ не е за редовно претседателско очекување. Доцнењето на еден друг состанок за децата од специјалната олимпијада да може да се изнасликаат со претседателот, исто така. Оставањето на сегашниот премиер да почека за да може да помуабети со ненајавените протестанти - никако. Напуштањето на свита од претседатели за да може да ги поздрави хендикепираните кои случајно имаат некаква работилница во Охрид! Вмешување и расчистување (дури и судско) на отворена провокација во случајот на Саше и неговата нива врз која лежи претседателската резиденција!!! Купувањето шамии изработени од лица со тежок ментален и физички хендикеп за својата сопруга и ќерка, и тоа од својот личен паричник!!!
Верувам дека овие примери не се единствени.
Но она што е најважно, она што останува е вербата. Вербата што ја влеја човек што верува дека ова парче земја може да стане попријатно место за живеење, и тоа за сите кои се затекнале тука на некаков начин. На нас, пак, на тие што изгубивме пријател и инспиратор, ни останува да истраеме на тој пат, да не ја заборавиме пораката, и да не ја изгубиме вербата што ни ја влеја човекот Борис Трајковски.
Само така ќе може да се оддолжи долгот.
Звонко Шаврески „Полио плус“
|