НВО САЕМ: Регионален центар за заштита на животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ)
Панел-тема: “Глобализација или одржлив развој”
Одржливиот развој подразбира баланс помеѓу економските, социјалните и еколошките потреби на заедницата. Консензусот може да се направи преку акциони планови на заедниците, мултисекторски и анализи на севкупните економски, еколошки и социјални фактори во животната средина
Воведничарот Љупчо Гупчин од Македонско еколошко друштво рече дека одржливиот развој не може да се постигне само на национално ниво туку подразбира грижа на локално и на меѓународно ниво. Тој го спомена истражувањето на проф. д-р Фредерик Штајнер од Факултетот за планирање и пејзажна архитектура на државниот универзитет во Аризона, Феникс-Темпи, каде планирањето на урбаните села во феникс е под постојан притисок за градба во склад со субурбаниот модел. Главна цел на проектот е поддржување на одржливиот развој во обид да се сочуваат природните процеси и функции на пределот. Тој го истакна примерот на охридско-преспанската котлина и процесите на еутрофизацијата на езерските води во кои континуирано се слеваат големи количества фосфор во сливот на Охридското и Преспанското Езеро. Како прашања за дискусија се поставија следните дилеми: Каква стратегија за одржлив развој ќе примениме за Преспанската и Охридската котлина? Што треба да преземеме на државно ниво, а што на локално ниво? Маргарита Матлиевска од Министерство за животна средина и просторно планирање ги информираше присутните дека стратегијата се уште не е изградена, ниту пак, е формиран национален совет. Јасминка Андова-Пашкалинска од Еколошко друштво Пехчево истакна дека одржливиот развој подразбира баланс меѓу економските, социјалните и еколошките потреби на заедницата. Консензусот може да се направи преку акциони планови на заедниците, како и преку мултисекторска анализа на севкупните економски, еколошки и социјални фактори во животната средина. Јордан Јакимовски од Институт за социолошко политичко правни истражувања (ИСППИ) имаше забелешки околу дефинирањето на поимот одржлив развој, а Славчо Новчев истакна дека одржливиот развој е нов приод кон решенијата на проблемите во животната средина. Тој истакна дека е потребна страрегија за животна средина и дека Македонија има недостиг од кадри од оваа проблематика. Учесниците во расправата констатираа дека се реализирани повеќе активности од граѓанските организации, особено од движењето на екологистите на Македонија и стручните лица, како и тоа дека постојат повеќе дефиниции за одржлив развој, затоа е потребно нивно усогласување и покрај тоа што не се противречни. Државата, пак, треба да го регулира и контролира атропогениот внос на фосфор во езерата и другите води и да ја забрани употребата на детергентите со фосфор, а Владата, конечно, да го формира Националниот совет за подготовка на стратегијата за одржлив развој.
|