Реакција на повеќе граѓански организации, дневни весници и установи на уредбата на Советот на Европа
Кажи МАКЕДОНИЈА

„Кажи МАКЕДОНИЈА“ – е кампањата што ја иницираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот Евро Балкан, Економскиот институт, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, Институтот за социолошки и политичко-правни науки, ОХО, Транспарентност Македонија, Сојузот на историчарите, Фондацијата Институт Отворено општество Македонија (ФИООМ), дневни весници и установи. Иницијаторите на кампањата на 19 март, 2004 година, во хотелот Холидеј ин во Скопје, одржаа прес-конференција на којашто ги објавија чекорите што ќе ги преземат како реакција на уредбата на Советот на Европа од 2 март 2004 година за употреба на референцата “бивша Југословенска Република Македонија” и за лицата кои припаѓаат на малцинството или кои зборуваат јазик на малцинството надвор од земјата за да се користат за сите цели во рамките на Советот на Европа.
Овие референци директно ги напаѓаат идентитетот, традицијата и културата на македонската нација, што е во спротивност со меѓународните стандарди и принципи.
Во следните денови, организаторите ќе иницираат јавни активности, со цел да се испрати порака од граѓаните на Македонија до Советот на Европа и до неговите претставници дека уредбата е несоодветна и неприфатлива. До г. Јан Клејсен (Јан Клеијссен), директор на канцеларијата на генералниот секретар на Советот на Европа, беше упатено и отворено протестно писмо, во кое се бара повлекувње на уредбата и почитување на основниот принцип на Советот на Европа, односно почитувањето на човековите права да продолжи да биде основна насока во работата на оваа организација.
„Ниту меѓународното право, ниту етиката, не ’и дава за право на некоја организација или на друг субјект во рамките на меѓународната заедница да одлучува за идентитетот и потеклото на една нација“..., меѓу другото, се истакнува во протестното писмо.
Со Уредбата на Советот на Европа од 2 март 2004 година им се препорачува на членките на Советот на Европа, на Европскиот парламент, на европските локални и регионални власти, на Европскиот суд за човекови права и на независните набљудувачки механизми, следното:
Земјава да се нарекува “бивша Југословенска Република Македонија”, каде што наводниците се составен дел од името; Придавката или националноста да се додадат на името “бивша Југословенска Република Македонија”. Пр., Влада на “бившата Југословенска Република Македонија”, Полиција на “бившата Југословенска Република Македонија”, граѓанин на “бившата Југословенска Република Македонија”; Придавката што се однесува на културата да биде македонска (словенска). Пр., македонска (словенска) традиција, македонска (словенска) култура, македонска (словенска) организација, македонско (словенско) школо; Јазикот – македонски (словенски); За лицата или групите кои припаѓаат на малцинството или кои зборуваат јазик на малцинството надвор од земјата – Македонец/и, придружено со фуснота на која се појаснува дека тоа е “терминологија на самоидентификација на лицето што го употребува тоа име”.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани на РМ, владини и невладини организации и установи во земјава да ја поддржат оваа иницијатива и отвореното протестно писмо.
Даниел Медароски
|